24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Министерството за здравство: Поради дефект на компресорите, беа одложени елективните програми, а не итните случаи

Министерството за здравство информира дека поради дефект на еден од компресорите, во текот на два дена беше одложен елективниот програм, а не итните случаи за операција на пациенти.

Како што велат, не е точна информацијата за наводен колапс на Клиничкиот центар.

„Се работи за дефект на еден од компресорите поради што многу инструменти зависат од притисокот што го генерираат пумпите, затоа во текот на два дена, елективниот програм, а не итните случаи, беа одложени. Проблемот е саниран, а со кислородот немало никаков дефект. Во вторникот е реализирана средба со директорите на Градската општа болница „8 Септември“, ТОАРИЛУЦ, Клиниката за дигестивна хирургија, КАРИЛ, каде што е постигнато усогласување и во тек е усвојување план како ќе се одвива кохортацијата на пациентите кога ќе почне реновирањето на КАРИЛ. Компресорската станица требало да биде променета уште пред 3 години. Во тек се активности на министерот за здравство за проверка на сите компресорски станици во Клиничкиот центар и бргу ќе се пристапи кон промена на сите компресори што се дотраени“, се вели во соопштението на Министерството.