25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Иницијативата на Герасимовски за конфискација на дивоградби се преточи во законско решение

Иницијативата за регулирање, конфискација и ре-употреба на бесправно изградени објекти која градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски пред една година ја достави до ЗЕЛС, се преточи во законско решение. На 19 овој месец Собранието го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка кој во Членот 66 ја пресликува Иницијативата со која се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата дивоградбата да ја предаде на општината. Ова е голема победа на Општина Центар и на сите локални самоуправи во државата.

„Општина Центар успеа. Иницијативата која ја доставив пред една година се преточи во законско решение. Општина Центар уште еднаш покажа дека е лидер во промени, лидер во храбри и позитивни одлуки и решенија во полза на граѓаните. Станува збор за Иницијатива, а сега и законско решение со кое на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на нивна територија и нивна пренамена во функција на општината. Ова значи дека ние општините имаме две можности или да го легализираме објектот или доколку има услови истиот да го урнеме во рок од 6 месеци од прием. Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови, а пак парите наменети за уривање да ги пренамениме во други позитивни проекти за граѓаните“, изјави денеска Герасимовски пред медиумите.

Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка не се однесува за дивоградбите кои се на приватно земјиште, за кои веќе се води инспекциска постапка за рушење или се води постапка за легализација истакна градоначалникот Герасимовски. Тој ги образложи и следните чекори кои произлегуваат и следуваат по Законот, а тоа се подготовка на Регистар на дивоградби на државно градежно земјиште кој ќе биде достапен на ВЕБ страната на општината, евидентирање на кривични и прекршочни судски постапки што се водат за конфискација на дивоградбите и одржување на работни состаноци со Агенцијата за управување со одземен имот и претставници од судската власт, како и други државни органи со цел поквалитетна имплементација на оваа одредба на законот.

Исклучително важно како што истакна Герасимовски е што новото Законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го ОТУЃАТ објектот на градежни фирми или други субјекти кои работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема било каква можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти.

„Донесувањето на ова ново законско решение ќе го превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба“, рече Герасимовски.

Пред да се преточи во законско решение Иницијативата ги помина филтрите во Министерството за транспорт и врски и Министерството за правда.