22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Ќе ги застапувам интересите на сите граѓани, ќе помагам и како лекар и како пратеник

Кандидатот на СДСМ и носител на листата во Изборната единица 4, Венко Филипче вечерва во интервју за емисијата 360 степени, говореше како протече конгресот на СДСМ во саботата, што ќе понуди како кандидат за пратеник, се осврна и на реализираните проекти во здравството додека тој беше министер во период од пет години.

Преовладуваше позитивна атмосфера на Конгресот на СДСМ, едногласно добија поддршка кандидатите за пратеници. Имаше демократска дебата што е најголемата вредност на Социјалдемократскиот сојуз, истакна Филипче. Најавува дека ќе биде пратеник на сите граѓани, не само во ИЕ4.

„Пратеникот треба да ги застапува сите граѓани не само граѓаните од неговата изборна единица понатаму во Парламентот“ – рече Филипче.

Во кампањата најавува поинаков пристап. Ќе промовирам висока политичка култура и комуникација, односно ќе демонстрира високо ниво на политичка комуникација, нешто што граѓаните според него го бараат и очекуваат.

„На овие избори мој план е воопшто да не се занимавам со против кандидатите. И на ВМРО ДПМНЕ и на останатите партии кои ќе бидат таму присутни. Сметам дека треба да воведеме една малку поинаква политичка култура. Ако влеземе во анализа и изнесување на мислења, едни за други, тоа се претвора во расправија на суети. Нема излез од такви дискусии, а граѓаните ништо нема да научат од тоа. Сметам дека на граѓаните им е преку глава да слушаат препукувања помеѓу партиите“, рече Венко Филипче.

Носителот на листата на ИЕ4 на СДСМ и коалицијата, Венко Филипче истакна дека граѓаните се презаситени од препукувања меѓу политичките партии и очекуваат вистински проекти за што е потребен консензус. Тој се осврна на проектот за Клиничкиот центар за кој рече дека бил блокиран во Собранието, иако тој се обидел да постигне консензус.

„На пример, проектот за Клинички центар, кој што е од национален интерес, а во Собранието беше блокиран заради партиски политики. За такви проекти мислам дека нас ни треба консензус за суштинските промени во и тоа како значајни сфери во општеството, и во здравството, и во образованието, и во социјалата. Има проекти коишто траат повеќе од еден мандат на една Влада. Не може некоја друга следна Влада проект да запре или да го политизира“, рече Филипче.

Венко Филипче, истакна дека има одреден степен на незадоволство меѓу граѓаните, дел поради степенот на комуникација, незадоволни од степенот на реализација на одредени проекти, но СДСМ како партија која ја предводеше Владата никогаш не скршна од вистинскиот пат.

„Кога една партија е на власт веќе скоро 8 години, секако дека има и незадоволни луѓе. Меѓутоа, тоа што е битно, битно е дека за време на имплементирање и водење на тие политики не се „скршнало“ од вистинскиот пат. Станува збор за имплементирање на тешки одлуки, одлуки коишто се за доброто на државата. Тоа се одлуки коишто не секогаш се лесни да им се објаснат на граѓаните, меѓутоа на долг рок носат само бенефит за државата. Кога Преспанскиот договор се носеше, анкетите покажуваат дека против него се над 70%. Меѓутоа, ако сега прашате, над 70% од граѓаните се чувствуваат побезбедни, заради тоа што сме членови на НАТО. Што укажува на тоа каква визија се имало тогаш кога се носел Преспанскиот договор“, рече Филипче.

Филипче истакна дека, уште многу треба да се работи во сферата во владеење на правото и еден од главните столбови на коишто се потпира Програмата на СДСМ за следните 4 години, е токму таа област.

Во интервјуто за 360, Филипче говореше за историските реформи кои беа направени во здравството во неговиот мандат како министер за здравство.

Со покачување на платите се врати достоинството на лекарите, тие повеќе не работат за 60 000 денари, туку за 120 000 денари. Повеќе од 20 000 пациенти со дијабет добија оригинален инсулин, до тој момент луѓето примаа инсулин од паралелен увоз од Турција, не знаеа како делува тој и имаа бројни компликации.

„За првпат ги плативме приватните специјализанти. Тие до тогаш работеа бесплатно, ги плативме и дежурствата и добија и здравствено осигурување. Извршивме реконструкции во огромен број на здравствени установи, обезбедивме лекови за лицата со ретки болести и низа други реформи кои биле директно во корист на пациентите“, рече Филипче.

Венко Филипче во своето гостување во 360 степени, посочи дека има уште многу предизивици во здравството и потребно е да се направат уште многу промени, но дека услугата и методите кои ги користат нашите лекари се на високо ниво. Тој рече дека и покрај сите предизвици, во државата се изведуваат најсовремени хируршки интервенции со најнови методи.

„Со нови методи се извршени огромен број на успешни интервенции во коишто морам да потенцирам, бидејќи тоа де факто, голема улога има и СДСМ со инвестициите и политиките коишто ги спроведе министерството“, истакна Филипче за 360.