24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Сопругата на претседателот со поддршка на мисијата на СОС Детско Село

Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска се обрати на настанот „Едно семејство“ што се одржа под нејзино покровителство, а во организација на СОС Детско село. Со овој настан СОС Детско село им оддава признание на пријателите, донаторите и на поддржувачите на оваа организација.

Обраќајќи се пред присутните, сопругата на претседателот истакна дека резултатите коишто СОС Детско село ги постигнува при грижата за децата во ризик и нивна поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа за деца, како и преку реализирање програми за социјална превенција, несомнено се темелат и на сесрдната поддршка на пријателите и поддржувачите. Таа додаде дека сите сме дел од едно семејство во коешто се грижиме за сите членови подеднакво, солидарни и хумани, грижливи и благородни.

„Посакувам ова семејство да се шири и да расте. И во останатите сегменти од општественото живеење, и во другите проекти, програми и при активности на други организации да покажеме корпоративна одговорност, индивидуален ангажман, општествена грижа. Како дел од заедницата, од неа добиваме, во неа растеме и се остваруваме, и треба сите според своите можности да даваме и да придонесуваме. И кога немаме можност од материјална поддршка, можеме да дадеме дел од своето слободно време, да извршуваме волонтерска работа, да даруваме љубов, грижа и внимание“, истакна г-а Ѓоргиевска.

Г-ѓа Ѓоргиевска порача да останеме сплотени и солидарни, да не ја изгубиме човечноста и добродетелството, да не ги игнорираме желбата, мечтите и соништата, да продолжиме да создаваме, да се бориме, да даваме и даруваме. Таа на сите штитеници, вработени и на сите поддржувачи на СОС Детско село им посака здравје, љубов, среќа, радост, хармонија и успех.

Покрај доделувањето на признанија на компании, организации и индивидуалци за нивната поддршка, на настанот беа претставени и постигнувањата и корпоративните активности на СОС Детско село во изминатата година, а дел од настанот беше и концептуалната изложба на најважните активности, кампањи и проекти што ги сработија компаниите и СОС Детско село, а во чија изработка учествуваа и дечињата и младинците со што ја покажаа својата благодарност кон сите што им помогнаа.