„Сметам дека во веќе повеќе од 2 години мандат како претседател на партија и како претседател на Владата докажав дека се грижам за граѓаните, ние работевме како Влада во едни тешки услови. Услови на криза, започнавме со здравствена пандемија, продолжи енергетската криза, војната во Украина, па инфлација и успеавме да се справиме со граѓаните со сите тие предизвици. Покажавме дека ги зголемивме и пензиите и платите, ја намаливме невработеноста двојно, обезбедивме 2,6 милијарди евра на пакети антикризни мерки за најранливите категории на граѓани. Јас исто така живеам тука, знам дека е тешко, ги разбирам граѓаните. Секогаш може да се направи повеќе, се уште ние имаме пензионери кои кубурат да сврзат крај со крај, има родитлеи кои ќе легнат гладни за да можат да имаат повеќе средства за своите деца утредента. Меѓутоа факт е дека досега ги зголемивме пензиите за 50%. Ја зголемивме минималната плата и ќе продолжиме со такви мерки и во новата програма“, изјави претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју на Алсат.
Тој додаде дека се занимава со политиката од 1994, како член на СДСМ, бил дел од ЦО во три наврати и на младина и на сениорите, член на претседателство во два наврати, претседател на партија.
„Политиката не е спортско обложување и политиката е еден долгорочен процес во кој политичарите се тие кои ја поставуваат визијата и ја презентираат за една држава. Ние како политичка партија имаме многу јасна визија дека сакаме да ја видиме Северна Македонија како земја членка на ЕУ, тоа не само како осварување на сон за европска Македонија туку како остварување на стремежот за држава во која доаѓаат европски правила за владеење на право, европски правила на демократија, на слобода на медиумите што и го направивме. Европски животен стандард, европски плати и тоа е целта за која се залага СДСМ“, заклучи Ковачевски.