Јас сум свесен дека по укинување на гарантираните цени имаше зголемување на цените на дел од прехранбените производи, што секако негативно влијае врз семејните буџети, но од тој аспект, овој закон ќе донесе ред во маржите, порача во интервју за Слободен печат, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски како одговор на прашање околу новодонесениот Закон за спречување на нефер трговски практики.
Носењето на овој закон, додава Ковачевски, е поради тоа што голем дел од компаниите покажале голема неодговорност кон граѓаните во време на светки кризи.
Компаниите мора да се покажат одговорни во услови на таква криза, но добар дел се покажаа неодговорни на кои профитот им беше пред се и јас неколку пати имав апелирано дека тие компании во Македонија се изградени и израснати благодарение на купувачите од Македонија и дека во време на криза треба да бидат солидарни но добар дел од нив тоа не го направија и затоа го имаме донесено овој закон. Ако детално навлезете во овој закон, тој точно ги дефинира активностите, мерките што не можат да се прават во малопродажбата, а коишто сега се прават и ја зголемуваат цената на производите. Ние нема да дозволиме на грбот на граѓаните некој да прави нефер профити. Вакви закони има во земјите членки на ЕУ, во Хрватска нивниот закон е многу сличен на нашиот закон. Нема негативни коментари од никого и овој закон во иднина ќе обезбеди стабилност во формирањето на цените“ порача Ковачевски.