Зомби реанимацијата на расните и религиозни предрасуди и теории во пресекот на белиот супрематизам е потентно политичко гориво за освојување на власта, слично на злоупотребата на националните митови за славниот, но сега критично загрозен античко-православен идентитет на Македонците, и мотото „ Македонија (на Македонците) ќе биде повторно горда“. На ова надоврзан и крстоносниот поход на Стефан во обид да ја убие ламјата, на иконата прикажана како оволчен шарпланинец.
Пишува: Тони ПОПОВСКИ
Реалниот судир на политичката сцена кај нас, во регионот, во Европа, САД, па и глобално е меѓу граѓанските патриоти и зомби патриотите.
Со ризик дека на некои читатели, атрибуирањето „зомби“ на патриотизмот може да им изгледа како претерување, па дури и да ги навреди, сепак, во обидот наменски и телесно да се реанимираат особено борбените духови на личности од минатато и да се облечат во костум на жива и современа политичка понуда, ќе признаете дека има нагласена сличност, па оттаму и оправданост за вакво именување.
Основната мисија на секој зомби патриот е согласно со условите и околностите, колку е можно повеќе да ги дораспука историските пукнатини и да пронајде и отвори колку е можно повеќе саркофази, складирајќи ги скелетите и по некоја мумија во шифоњерите. Потоа се чудиме кога некој граѓански патриот ќе отвори зомби патриотски шифоњер, долап, кабинет, ормар или креденец, од него веднаш да излезе еден или неколку скелети, или во најлошо сценарио некоја оживеана, гладна и жедна мумија.
Не треба многу имагинација, но неопходна е опуштеност и сензорска подготвеност додека шетате или пиете кафе на некој од централните плоштади или градини на балканските метрополи да забележите дека меѓу живите луѓе шетаат и политички зомби патриоти со реанимирани духови на старите и славни претци кои истовромено се монументализирани и распространети во карактеристични глиптотеки на бисти и торза. Во еден момент ако се сконцентрирате, ќе забележите појава на свумато прелевање на реанимираниот дух од зомбираниот патриот на скулптурите во околниот простор, и обратно.
Овие веќе масовни и глобални појави на политичка зомби култура започна да ги експлоатира и науката и занаетот на политичкиот маркетинг. Најуспешна илустрација која веќе има легендарен статус е изборниот спот со излегување на српскиот претседател Вучиќ од фрижидерот на секое српско семејство. Секако метафората дека Претседателот е постојано во Вашиот фрижидер и ја обезбедува Вашата храна и благосостојба е покреативна отколку Вучиќ, или други национал-популистички лидери да ви излегуваат од шифоњерите бидејќи таму би Ви го чувале долниот и горниот веш, а тоа не доволно гламурозно.
Сега, да се вратиме на терминот зомби патриотизам, за кој нема научни извори каде е експлицитно употребен но може многу лесно да се изведе од поимот зомби национализам.
Џејсон Спрингс, со одбранет докторат на Харвард и во моментов професор по религија, етика и мировни студии на Институтот за меѓународни мировни студии „Крок“ на Универзитетот во Нотр Дам (САД) во својата трилогија на статии насловена „Апокалипса, раса и сексуална политика на белиот евангелски христијански национализам“, академски го воведува поимот „зомби национализам“ како феномен, поттикнат од модерната евангелистичка теологија, етно-религискиот национализам и конзервативната сексуална политика. Спрингс прави обид научно да ја докаже хипотезата за тоа како секој од овие меѓусебно вклопени аспекти на (расно) белиот евангелизам придонесуваат за создавање на зомби национализамот.
Поконкретно, Спрингс го изложува случајот дека „Белата христијанска Америка“ всушност не е во опаѓање и дека значајната улога на белите евангелисти во претходниот избор на Доналд Трамп е само еден пример за нејзината континуирана важност. Директен повод за оваа научна анализа биле евангелистичките извештаи за смртта на „Белата христијанска Америка“, тенденциозно зголемени односно наменски извадени од вистинската пропорција, а со цел да се ефектуира политичката мобилизација на белите христијани за избор на Доналд Трамп за претседател на САД во 2016 година. Секако ова академско писание е повеќе од актуелно и за претстојните избори за Претседател на САД.
Спрингс ја докажува својата хипотеза со статистиката во која белите христијани кои се самоидентификуваат како „евангелисти“ (26% од гласачите на изборите во 2016 година) гласале за Трамп во поголем број отколку за кој било поединечен кандидат на претходните четири претседателски избори, односно со стапка од 81% (четворица од петмина), следени од белите католици со стапка од 60%. Белите евангелисти според редовни анкети, постојано ја зголемувале својата поддршка за Трамп и неговите политики и во текот на неговото претседателствување. Тие ја поддржувале неговата строга политика за имиграција и ѕидови на границата (вклучувајќи го одвојувањето на децата бегалци од нивните родители кои бараат азил), неговата забрана за имигранти од различни земји со мнозинско муслиманско население (потврдена од Врховниот суд на САД во јуни 2018 година) и неговото распоредување на федерални трупи за насилно задушување на мирните протести „Животите на црните луѓе се важни“ од 2020 година. Поддршката на белите евангелисти за Трамп во 2020 година изнесувала 75% односно приближно како во 2016 година, а токму тие се клучниот базен на определени избирачи и оваа година, па оттаму и не треба да изненадува мотото на Трамп за „Повторно голема (читај бела) Америка“.
Од ова истражување може да се заклучи дека зомби реанимацијата на расните и религиозни предрасуди и теории во пресекот на белиот супрематизам е потентно политичко гориво за освојување на власта, слично на злоупотребата на националните митови за славниот, но сега критично загрозен античко-православен идентитет на Македонците, и мотото „ Македонија (на Македонците) ќе биде повторно горда“. На ова надоврзан и крстоносниот поход на Стефан во обид да ја убие ламјата, на иконата прикажана како оволчен шарпланинец.
Граѓанскиот патротизам има одлика да поврзува бидејќи е инхерентно умерен и инклузивен, додека манипулативниот зомби патриотизам вирее врз општествените конфликти кои самиот настојува да ги продлабочи. Во САД поделбите и политичката сеизмика се претежно расно, класно и верски определени. Кај нас линијата на поделба е со митолошки размери, односно се повторува „кармата“ а со неа и поделбата на предавници и патриоти со нафрлена религиозна нота, односно оди дотаму да оние кои не се патриотски зомбирани, зомбираните не ги прифаќаат како дел од македонскиот народ.
На зомбираниот национализам на Трамп, Џо Бајден одговара со теза дека „Омразата, гневот и одмаздата се најстарите идеи, но не можете да ја водите Америка со стари идеи“. Секако ова е добронамерно и превентивно укажување на Бајден, бидејќи еднаш Трамп ја водеше Америка со „стари идеи“, но нема гаранција дека повторно нема да ја води, како што нема гаранција и кај нас дека нема да го оживееме зомби периодот на „старите идеи“. Дали ќе завладеат „старите идеи“ сепак зависи од исходот на претстојниот демократски натпревар помеѓу граѓанските и зомби патриотите.
Извор: Racin.mk