Говорејќи за изборните модели, универзитетскиот професор Цане Мојаноски во интервју за Слободен Печат истакна дека пропорционалниот модел за општества кои се како македонското, претставува најдобар изборен модел.
„Пропорционалниот модел е моделот што треба да го практикува македонскиот изборен систем, затоа што македонското општество меѓу останатото е поблиску до она што во науката се нарекува „поделени општества“ и таа поделеност најчесто е изразена по етничка линија иако постојат и други основи на поделби, оваа е се уште многу силна поделба во македонското општество. Овој модел обезбедува, релативно подобра застапеност на бројните етнички, полови, територијални и други групи“ посочи тој.
Мојаноски смета дека и мнозинскиот и пропорционалниот модел имаат свои предности и недостатоци и дека на политичките партии е да решат дали ќе гласа во шест, во две или во една изборна единица.
„Во начинот на операционализација, тоа е прашање на доминантните политички сили дали е подобар овој модел со шест изборни единици или модел со две изборни единици или една изборна единица и тоа е прашање на избор на техника која повеќе или помалку ги изразува интересите на големите играчи. Точно е дека секој изборен модел ги форсира големите партии, без разлика дали е мнозински или пропорционален. Кај мнозинскиот модел, покрај големите партии особена улога имаат и индивидуалните карактериски на кандидатот. Во тој модел најчесто се форсираат локалните шерифи или локалните моќници и стопанственици кои се пријавуваат на избори. Кај пропорционалниот модел е модел кој повеќе или помалку го стабилизира партиското тело, во последните две децении ние имаме стабилно партиско тело каде имаме две доминантни коалиции со стожерни партии, а кај албанскиот електорат имаме една доминанта партија“ порача Мојаноски во интервју за Слободен Печат.