27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Бочварски: Инвестираме 1 милион евра во нов видео надзор на сите гранични премини за поефикасен транспорт

Инвестиравме околу 1 милион евра за набавка и инсталација на нов видео надзор на сите гранични премини во државата за да постигнеме поефикасен транспорт и подобрување на работата на Царинската управа и Граничната полиција, истакна денеска министерот Бочварски од граничниот премин Дојран каде со директорот на Царинската управа Стефан Богоев извршија увид во новиот видео систем.

Системот за видео надзор опфаќа 350 различни типови на дигитални камери, систем за автоматско препознавање на регистарски таблици и централен систем за складирање на податоците и истиот се инсталира на сите гранични премини во државата.

„Водејќи се од потребата да го забрзаме и да го зголемиме протокот на сообраќај на граничните премини, Министерството за транспорт и врски го набави овој информатички систем како дел од Проектот за унапредување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. И мило ми е што еве денеска од Дојран ја увидовме неговата ефикасност во насока на подобрување на работата на Граничниот премин. Веќе со Царинската управа работиме и на креирање на платформата за Национален едношалтерски систем, софтвер кој треба да поврзе 16 институции за давање на електронски услуги на економските операторите. Проценетата вредност на овој проект е 4,5 милиони евра. Средствата се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски исто така во рамки на проектот за Олеснување на транспортот и трговијата во Западен Балкан.“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Министерот Бочварски истакна дека преку Министерството за транспорт и врски се работи на воведување и на Интелигентни транспортни системи на Коридорот 10, а во втора фаза и на Коридорот 8.

Претходно, министерот Бочварски и директорот Богоев во Скопје во Дежурниот царински центар на Царинската управа извршија увид од воспоставениот централизиран видео надзор.

„Ветив нула толеранција за криминалот и корупцијата. Ова се овозможува само со конкретни проекти кои трајно ќе го искоренат криминалот. Системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички во секое време информира за фреквенцијата на граничните премини, кое возило со која регистарска табличка, боја и марка на возилото влегло во државата и како се движело низ граничните премини во одреден период, но исто така алармира доколку некое лице се движи во недозволени области околу премините. Сите информации се внесуваат во податочен склад при што доколку понатаму е потребно да се извади статистика за движењето на одредено возило за кое на пример има потерница, истите информации ни се достапни веднаш“, изјави директорот на Царинската управа, Стефан Богоев.