26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ризаов: Ограничувачки фактор за Силјановска е што ВМРО-ДПМНЕ по поразот на претходните избори повторно го избра минатото наместо иднината

„На Силјановска ќе ѝ биде голем ограничувачки фактор тоа што ВМРО-ДПМНЕ по поразот на претходните парламентарни и претседателски избори како опозициска партија целиот овој период ги оспоруваше постигнатите резултати, нарекувајќи ги велепредавство на националните интереси. И таа како пратеник го прифати овој лажен патриотски вознес. Повторно револуционерната партија го избра минатото наместо иднината“ пишува новинарот Ерол Ризаов во неговата колумна „Зошто пак ќе гласам за Пендаровски“ објавена на Дојче Веле.

Тој додадава дека ставовите на претседателот Пендаровски се јасно искажани и во однос на евроатланските интеграции и за односот на ЕУ кон Македонија и за односите со соседите и тука нема нејаснотии и калкулации со лажен патриотизам и популизам.

„Вториот мандат ќе му овозможи уште поголема посветеност кон најзначајните државни интереси кои ја одредуваат иднината на Македонија. Фактот што нема трет претседателски мандат дава поголема слобода и во односите со партијата која го предлага за свој кандидат и поголема посветеност кон своите заложби да биде прифатен како претседател на сите граѓани. Ќе биде многу интересна предизборната борба на претседателот Стево Пендаровски со веќе еднаш поразениот претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на темата евроатлански интеграции, договори со соседите и внатреетнички односи и демократски процеси“ пишува Ризаов.

Тој додава дека во опозициското дејствување последните седум години, опозицијата, вклучувајќи ја и Силјановска како пратеничка, со лажен патриотизам започна пропагандна војна за спасување на загубениот идентитет на македонскиот народ од предавничка политика на владата која доведе до блокада на преговорите со ЕУ.

„Ќе биде навистина интересно колку Силјановска ќе може да се ослободи не само од вмровските патриотски блокади на уставните измени, од лагите за подобрување и поништување на договорите со Грција и со Бугарија, туку и од своите заложби и многупати јавно искажани определби кои времето и настаните ги прегазија“ пишува Ризаов.