Проектот РЕДИ Северна Македонија организираше гала аукција „Градиме Еко Навики“ во Даут Пашин Хамам. На аукцијата учествуваа педесетина претприемачи, дипломати и претставници од граѓанскиот сектор кои се наддаваа за еко рециклирани производи изработени од страна на 20 млади Роми кои беа дел од обуките на РЕДИ.
Проектот имаше цел да ја подигне свеста на граѓаните кои преку работилници, информативни сесии и насочени напори кон учење и информирање, се едуцираа за важноста на одржливите практики и управување со отпадот. Исто така, овој проект придонесе и кон зајакнување на граѓаните и зелените амбасадори на РЕДИ преку стекнување нови знаења и вештини.
Учесниците на Гала Аукцијата ја поддржаа креативноста и генијалноста на ромската младина кои преку специјализирани работилници научија како да трансформираат искористени гуми и други материјали во иновативни еко-производи. Со приходите од аукцијата ќе се финансира инсталација на инфраструктура за селекција на отпад во општината Шуто Оризари, со што ќе се направи значајна разлика во животот на граѓаните на оваа општина.
Секако, под „палката“ на нашиот водител Огнен Јанески, атмосферата на аукцијата беше исполнета со смеа и забава. Интересен е фактот што на аукцијата, за еден еколошки производ наддаваа Мила Царовска, поранешна министерка за труд и социјална политика и Кристина Маријан од Советот на Европа.
За повеќе информации за овој настан и идните иницијативи, контактирајте не на redimk@redi-ngo.eu