24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

8 негователи на 150 стари лица во Домот за стари лица ,,Зафир Сајто” во Куманово

Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денеска беше во посета на ЈОУ Дом за стари лица ,,Зафир Сајто” во Куманово. Велковски се сретна со старите лица сместени во оваа институција и разговараше со нив.

,,Евидентна е долгогодишната негрижа за возрасните лица. Тие не смеат да бидат заборавени од страна на државата. Мора вложувања во институционалните капацитети, вонинституционалните форми на заштита, алтернативни форми на згрижување на оваа категорија на население”, рече Велковски.

Според директорот на Домот за стари лица ,,Зафир Сајто”, домот бил мета на партиски препукувања од страна на актуелната власт.

,,Не оставија со 8 негуватели на 150 сместени лица, бројка што не го задоволува пропишаниот норматив според пропишаните стандарди. Многу преписки со министерството, но залудно. Ова е прв пат во овие 5 години министер да влезе во домот”, изјави директорот Дејан Стојановски.

За Велковски недопусливо е политиката да влијае на назадување на условите во старските домови.

“Старите лица го граделе ова општество во кое ние живееме и дека политичарите треба да ги тргнат рацете од институциите во кои се згрижуваат ранливи категории”, дециден беше министерот Велковски.

Лично се заложи дека на врвот на неговата агенда биле и ќе останат старите лица и дека социјалната политика во иднина ќе биде насочена кон достоинствено и активно стареење.

Во моментот повозрасните опфаќаат над 12 % од населението, а според проценките на ОН овој процент ќе достигне до 18,8% до 2030 година.