23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Европскиот фронт е отворен за сите субјекти што сакаат да работат државата да стане членка на ЕУ

Европскиот фронт е отворен за сите политички партии, независни кандидати, или со еден збор учесници во изборите кои се залагаат да градиме општество кое доликува на современите демократии, општество интегрирано во Европската Унија за подобар и попросперитетен живот на сите наши граѓани, порача во интервју за Слободен печат, Димитар Ковачевски претседател на СДСМ.

„Остануваме отворени за секого којшто се стреми во Северна Македонија да создаваме европска иднина затоа што нашите граѓани заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ. Мораме да се залагаме за забрзан економски раст на државата, како и етаблирање на државата на глобалните пазари во Европа и светот. Граѓаните овде имаат капацитет, имаат, вештини и знаење, затоа на нас политичарите е да им го овозможиме сето тоа“ посочи Ковачевски.

Одговарајќи на прашање во врска со политичката партија на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, Ковачевски рече дека формирањето нови политички субјекти е придонес кон развојот на демократијата во државата, но додаде дека СДСМ има најголем коалициски капацитет и дека без СДСМ нема евроинтеграциски процеси.

„Постоењето и формирањето на нови политички субјекти на македонската политичка сцена е конкретен придонес кон развојот на демократијата и политичката култура во земјата, и сметам дека се нормални ваквите движења на македонската политичка сцена. Но да не заборавиме дека СДСМ е најголемата државотворна партија во земјата, располага со исклучителни кадровски капацитети, во коалиција е со повеќе политички партии коишто обезбедија членство на земјата во НАТО и коишто обезбедија отпочнување на преговорите со ЕУ. Што се однесува до Максим Димитриевски, тој е долго на политичката сцена, потекнува од редовите на СДСМ, и верувам дека она што ќе го застапува, ќе е јасно видливо во кампањата која ќе ја води. Тука ќе напомнам дека, во плурален систем како нашиот, иднината на државата зависи од обединетоста на сите политички субјекти по однос на стратешките интереси на државата и граѓаните, односно евроинтеграцијата со која ќе се обезбеди економски просперитет, општествен развој и севкупен прогрес. Во тој контекст, СДСМ веќе покажа дека е јасно определен и фокусиран да обезбеди европска иднина на државата и затоа можам да потврдам дека сме подготвени и имаме и знаење и капацитет за да ја формираме наредната проевропска влада која ќе ја однесе земјата во ЕУ до 2030. Без СДСМ нема евроинтеграциски процес и членство во Европската Унија. Тоа е факт“ истакна Ковачевски за Слободен Печат.