24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Мојата визија и заложба при стапувањето на позицијата беше дека инвестирањето во културата никогаш не е трошок, туку е влог во националниот идентитет

„Мојата визија и заложба при стапувањето на позицијата беше дека инвестирањето во културата никогаш не е трошок, туку е влог во националниот идентитет. Вложивме 32.8 милиони денари за обнова на старото училиште во Љубојно, кое ќе прерасне во Центар за промоција на македонскиот јазик. Оваа година се обезбедени 120 милиони денари за реконструкцијата на Универзалната сала, со што, се надевам дека до 2027 година ќе добиеме уште еден концертен подиум, неопходен за целата музичко-сценска уметност“, вели Бисера Костадиновска Стојчевска во интервју за Прес 24.

За заштитата на вредната црква „Свети Ѓоргија“ во Курбиново, само изминатава година издвоивме над 5.5 милиони денари, а поддржани се и многу други проекти преку кои го заштитуваме нашето културно наследство. Годинава го вративме културното наследство во македонските цркви и манастири, а тече постапката за реституција на други вредни предмети. Имаме 900 милиони денари вложено во последниве две години за санација, реконструкција, градба на објектите на националните установи во повеќе градови, посочи Костадиновска-Стојчевска.
Таа потенцираше дека направен е многу сериозен исчекор во вреднувањето на културните работници. Обезбедени се за 43 проценти повисоки плати во културата, а од 2022 година, континуирано се предвидени зголемувањата на платите на вработените во културата и од минатата година обезбедени се пари за К-15.

„Во последниве три години формиравме 8 нови национални установи. Секоја од нив на свој начин носи бенефит за градот, местото во кои функционираат, но и на ниво на државата, ги стимулираат младите и отвораат нови можности за современата сцена. За прв пат во Министерството за култура минатата година обезбедивме средства за заштитата и санацијата на спомениците од НОБ и Револуцијата, кој продолжува и во 2024“, посочи министерката.

Таа додаде дека преку конкурсите „Цртај на македонски“, „Култура во лето“ ги поттикнуваме младите да творат на македонски јазик и отвораме нови можности за поддршка и презентација на талентот на младите уметници.

Минатата година беа обезбедени 40 милиони за општините во рамки на Програмата за капитални дотации во областа на културата за 2023 година, наменети за локалната самоуправа. За оваа година обезбедивме поголем буџет, во износ од 50 милиони денари, со тенденција да расте секоја година. Имаме многу планови, но особено е важно што како и досега, така и во наредиот период продолжуваме со проекти кои подразбираат вистинска грижа и унапредување на културата и културните вредности.

Ја продолжуваме интензивната соработка со УНЕСКО и посветено работиме заштита на Охридското езеро и Охридскиот регион, особено по одлуката Охрид да остане на листата на Светско културно и природно наследство со исклучителна универзална вредност.

Охрабрени сме од оваа Одлука бидејќи Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија, со која ги споделуваме природните убавини на овој уникатен регион, но еднакво и одговорноста за Охридското езеро и богатото културно наследство. УНЕСКО е драгоцен пријател и на Охридскиот Регион. А во времето што доаѓа, секое пријателство е како бисер. Таков каков што е нашиот Охридски Регион.

Останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување. Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните, заклучи министерката.