„Времето покажа дека заложбите за наше зачленување во НАТО се покажаа правилни, тоа се потврди и овој период по агресијата на Русија врз Украина, кога нашата држава како земја членка на НАТО има далеку побезбедна иднина отколку ако беше надвор од овој Сојуз, вели претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, за 24info.mk.
Како што вели во интервјуто, Митрески силно верува дека нашата држава ќе продолжи успешно да чекори по евроинтеграцискиот пат, да работи на имплементирање на европските вредности и стандарди и да обезбеди побрз економски развој и напредок за своите граѓани.
Од самиот почеток на неговото политичко дејствување, прво како пратеник, потоа како координатор, а и сега како претседател на Собранието Митрески има јасен став во однос на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, а тоа дека за нашата држава, за нашите граѓани, за нашата иднина нема друга алтернатива освен Европската Унија.
За оние кои ја следат работата на Собранието, но и политичките случувања во државата, Јован Митрески им е и тоа како познато име. Станува збор за пратеник од редовите на политичката партија СДСМ со долгогодишен пратенички стаж, пишува 24инфо.мк
Митрески прв пат е избран на парламентарните избори во 2014 година, а потоа и на изборите во 2016 и 2020 година. Кон средината на вториот пратенички мандат станува координатор на пратеничката група на СДСМ, на којашто функција останува се до изборот за прв човек на Собранието.
Во периодот од 2016 до 2023 година, Собранието е во еден од најтурбулентните периоди, кога седниците ги карактеризираат блокади, караници, па дури и кршења на собранискиот инвертар.
Пролетта 2017 година, после неколку месеци одлагање, беше избран нов претседател на Собранието и создадено ново парламентарно мнозинство, по што се случи насилен упад во зградата на Собранието.
Пратеничкиот состав од 2016 до 2020 година и парламентарното мнозинство што тогаш го предводеше СДСМ, ги донесе измените на Уставот согласно Договорот од Преспа, и изгласа многу важни закони за реформите на правосудството и администрацијата, како и за унапредување на правата од социјалната заштита, а мандатот беше заокружен со ратификување на Протоколот за НАТО со што Македонија стана 30та земја членка на Алијансата.
Слично продолжи и следното парламентарно мнозинство исто така предводено од СДСМ со Јован Митрески како координатор на пратеничката група.
Овој пратенички состав исто така успеа да донесе важни закони за граѓаните, за развојот на државата, а со усвојувањето на Европскиот предлог успеа да ја придвижи државата на патот кон ЕУ, по што започна и скрининг процесот како подготовка за отворањето на првите поглавја.