„Економски стимул за побрза интеграција на регионот во ЕУ, дијалог за политичките спорови меѓу земјите од Западен Балкан, опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја каже својата алтернатива за интеграција на државата“ – овие беа главните пораки според поранешниот амбасадор Мухамед Халили од конференцијата за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан одржена во понеделник во Скопје.
– Средбата на лидерите од Западен Балкан е во функција на економскиот развој на регионот во висина од 6 милијарди евра. Стимулирањето на економскиот развој ќе придонесе за побрза ЕУ интеграција на земјите од регионот. Познато е дека застојот на политичката соработка на земјите од Западен Балкан пред се на релација Косово – Србија, како и состојбата во Босна може да придонесе на раст на тензиите во регионот и давање прилика на Русија за проширување на тензиите и во другите делови на светот а поготово на Балканот. Претседателот Бајден предупреди дека намалувањето на воената и економската помош на Украина ќе има тешки последици на Балкан, изјави Халили за „Фронтлајн“.
Пораката на помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’Брајaн од конференцијата, според поранешниот дипломат Мухамед Халили – беше дека Косово и Србија да го спроведуваат договореното во Охрид, додека во Северна Македонија опозицијата да го презентира планот за приклучување на земјата кон ЕУ, ако и понатаму смета дека не се потребни уставни измени.
О’Брајaн кој на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, нагласи дека граѓаните на Северна Македонија ќе имаат јасен избор во претстојните месеци, помеѓу визијата за движење кон Европа и нешто сосема друго, алудирајќи на парламентарните избори на 8 мај.
– САД сакаат да ја видат Северна Македонија да стане дел од ЕУ што е можно побрзо. Сметаме дека зависи од граѓаните на Северна Македонија да решаваат за патот понатаму. Сметам дека една партија предлага пат напред и прифаќа критики затоа што на некои луѓе им се допаѓа или не им се допаѓа таа насока. Друга партија ветува дека ќе смисли начин со којшто ќе се придвижат напред и мислам дека е правично граѓаните на државата да ја прашат таа партија за овој нон пејпер и тие да одлучат помеѓу визијата што ја знаат и помеѓу она што се дава како ветување, порача О’Брајaн.
„Фронтлајн“ ви го презентира и заедничката изјава на лидерите на шесте земји од Западен Балкан од Самитот на ЕУ во Скопје. Заедничката декларација на лидерите од регионот содржи 11 точки и се фокусира на продлабочување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и оние од Европската Унија. Во оваа изјава се потенцира преземањето реформи од страна на земјите од Западен Балкан, како и интеграцијата во ЕУ. Државите учеснички на Самитот во Скопје го гледаат „Планот за раст“ како многу добра можност за промовирање на социо-економскиот развој.
Дестан Јонузи
Извор: Frontline.mk