„Коалицискиот капацитет на СДСМ се покажа на дело во изминатите години, кога во различни околности, поради различни ситуации нудевме и бевме дел од коалиции кои што сметавме дека ќе донесат добро на Северна Македонија, истото го мислиме и сега. Веќе подолго време во јавноста се зборува за коалицијата која ќе има европски предзнак или која што ќе понуди конкретни решенија за Европска Македонија,“ рече министерката за одбрана и претседавач на Централниот одбор на СДСМ, Славјанка Петровска, во емисијата „360 степени“ која се емитува на МРТВ 1, на прашањето дали на изборите е подобро СДСМ да оди со заеднички листи со ДУИ, Алијанса за Албанците или само со традиционалните коалициски партнери.
Петровска посочи дека, дискусиите во рамки на партијата сеуште траат, како и во останатите политички партии кои потенцијално би се приклучиле на оваа коалиција.
„Јас велам дека треба да ги обединиме коалиционите капацитети, не велам дека инсистирам или не велам дека се залагам за тоа, меѓутоа сметам дека секогаш пред избори е добро и заради отвореност и заради чесност кон граѓаните да им кажете со кој би коалицирале и после избори,“истакна Петровска.
На прашњето дали таква предизборна коалиција би имала капацитет да освои повеќе пратеници, од ВМРО-ДПМНЕ, министерката Петровска посочи дека станува збор за широка коалиција во која сите би работеле на заедничката кауза и дека ако обединувањето е доволно добро може да се добијат повеќе пратеници.