24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Петровска: Ако не сакаат да си ги гласаат сопствените министри, зошто ги номинираат, имаат сомнеж во сопствените министри?

„Никаде не се вели дека мора да биде во состав целата Влада, предложена од мандатарот. Би било за првпат, досега секогаш Владите биле предавани во целиот свој состав и оттаму понатаму се разбира се бираат и потпретседателите итн. И да, би било првпат ако тоа се случи, меѓутоа да имаме предмет зошто оваа Влада се формирала, оваа Влада се формира согласно измените на Законот за Влада кои беа направени во 2015 година и на сите нам ни е добро познато во кои околности тие беа направени и што беше целта на тоа, односно да се овозможи секогаш учеството на опозицијата без оглед која политичка партија ќе биде опозиција, во подготовката и реализирањето на предвремени или редовни парламентарни избори, значи зборуваме само за парламентарни избори,“ рече министерката за одбрана и претседавач на Централниот одбор на СДСМ, Славјанка Петровска, во емисијата „360 степени“ која се емитува на МРТВ 1.

Петровска појасни дека, од 2015 и 2016 година кога за првпат почнува таквата Влада да се применува, секогаш опозицијата, па и 2020 година кога истата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција повторно ја поддржала, односно гласаше за оваа Влада.

„Сега имаме една ситуација кога опозицијата сака да номинира, прво не сака, па сега се предомислија и рекоа „сакаме да номинираме министри во министерството за внатрешни работи и министерството за труд и социјална политика,но нема да ја гласаме таа Влада“, е сега се поставува прашањето ако номинирате сопствени министри во таа Влада и таа Влада има само една единствена цел, а тоа е организирање и спроведување на редовните парламентарни избори тогаш зошто нема да ја гласате таа Влада. Логично е, и ако јас сум денеска пратеник во Собранието, и јас би имала сомнеж и дилема дали треба да ја гласам Владата во која што некоја политичка партија номинира министри, но сепак нема да ги поддржам,“ истакна Петровска.

Министерката посочи дека потребна е дискусија за тоа кои се обврските на сите политички партии, затоа што изминатиов период опозицијата бегајќи од носење на одлуки на различни прашања, секогаш топката ја префрлувала во Собранието на парламентарното мнозинство.

„Ако не сакаат да си ги гласаат сопствените министри, тогаш се поставува прашањето која е логиката да номинираат, а да не сакаат да ги поддржат, имаат сомнеж во сопствените министри? На пратениците од парламентарното мнозинство не им се бендисува некој друг лично, можеби сметаат дека некој не треба да биде во таа Влада, но гласаат имајќи во предвид целиот концепт во таа Влада, впрочем прашањето е, сега актуелниот сеуште, претседател на Собранието Талат Џафери им пречи, па тој со години е претседател на Собрание таму каде што истите тие пратеници речиси секојдневно со него на најразлични начини имаат комуникација и остваруваат координации редовни,“ посочи Петровска, одговарајќи на прашањето зошто ни е техничка Влада, без кадри од опозицијата?