Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за Слободен печат со Љубиша Николовски зборуваше за сработеното во изминатиот период.
„Во изминатите седум години го свртевме правецот од изолација, од позиција на безнадежност во евроатланските интеграции, а денес сме членка на НАТО и преговараме за членство во ЕУ. 2022 година беше пресвртна точка, за жал бевме доведени во една ситуација во која и покрај тоа што заслужено требаше да ги започнеме преговорите, од внатрешни причини на Европската Унија а потоа и прашањето коешто го отвори Бугарија бевме доведени во ситуација во јули 2022 година да го постигнеме оној компромисен француски или европски предлог којшто ни овозможи да ги почнеме преговорите за првпат по седумнаесет години“, изјави Маричиќ.
Со осврт кон скрининг процесот тој изјави: Ние реализиравме обемен скрининг извештај, од тој скрининг извештај, врз негова база извлековме патоказ, значи извлековме задачи, коишто треба да ги завршиме во наредниот седум годишен период.
Ние сме поставиле проекција до 2030 да ги заршиме сите тие обврски затоашто тогаш ни е целта да станеме членка на Европската Унија. Тоа не е недостижно, тоа е возможно само ако се работи на тоа. Сето тоа има јасни временски рамки, што треба да се заврши во текот на оваа година, што до крајот на следната, што до крајот на 2027.
„Патоказите се правени врз основа на реални проценки колку нашите институции можат да ги извршат овие задачи, таму се врзани прашањата и за судски совет, прашањата врзани за отчетност, прашањата врзани за зајакната борба против корупција, како и предлогот од нов закон за анти-корупција да се донесе до крајот на 2025 година.
Вицепремиерот истакна дека нашата земја го добила тоа што го барала и заслужувала долго време.
„Како еден од условите за продолжување на преговорите по фазата на скринингот беа и уставните измени. Ние можеме да бидеме сосема задоволни и без задршка да си честитаме за она што го постигнавме во последните две години.
Тој додаде дека луѓето коишто активно учествувале во скринингот не се обични граѓани туку луѓе врз коишто почиваат институциите без разлика што администрацијата е предмет на критика, но дека таму биле добри луѓе без кои државата не може да функционира.
„Во тие илјада луѓе, јас знам лично голем дел од нив бидејќи лично бев присутен на најголем дел од скрининзите. Навистина доаѓаат од сите партии или не доаѓаат од ниту една, но сите работеа тимски за истата цел. Администрацијата е посвесна од политичарите од опозицијата коишто одбиваа отворени покани од наша страна да земат поактивно учество во целиот тој процес дури и националниот совет за европски интеграции којшто има надлежности во тој дел.
„На крајот од скринингот имавме фаза на консултации за патоказите кои се услов за да можеме да го отвориме првиот кластер. Патоказите за владеење на право и реформи во јавната администрација коишто се разгледаа на Собранието на заедничка седница на националниот совет за евроинтеграции и комисија за европски прашања и беа едногласно поддржани и така владата ги испрати во Брисел“ заклучи Маричиќ.
Тој заклучи дека кога се има волја може на дело да се покаже дека заеднички се работи за истата цел. Тој модел е пожелно да се постави како пракса во наредниот четиригодишен период, на наредниот мандат на оваа влада, односно да постои конструктивна соработка со опозицијата.
„Во наш интерес е да чукаме на таа врата затоа што последиците ќе бидат по нас. Животниот стандард ќе заостанува, можностите да ја изградиме инфраструктурата побрзо и подобро со европски пари наместо само со буџетски пари или кредити и заеми ќе ја пропуштиме ние. Милијарди за земјоделците наместо милиони што ги има сега, ќе ги пропуштиме ние, зајакнување на малите бизниси, што е едно од најглавните приоритети на заедничкиот пазар на ЕУ. Тоа ќе биде само на наша штета“, посочи Маричиќ.
Тој заклучи дека секој загубен ден од ЕУ ќе биде загуба за нас, а не за ЕУ. Идентитетот се докажа дека нема да биде загрозен. Зачленувањето во ЕУ е најдобра точка на заокружување на нашата државност.