25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Богоев: Заплените зголемени за 30 проценти, а кривичните пријави за 60 проценти – резултатите во сузбивање на шверцот и корупцијата се веќе видливи

Бројот на случаи на заплени од страна на Царинската управа во годинава што измина е зголемен за речиси 30 проценти, а за 60 проценти е зголемен и бројот на поднесени кривични пријави. Резултатите во делот на сузбивање на шверцот, нелегалната трговија и корупцијата се веќе видливи, истакна директорот на Царинска управа Стефан Богоев на брифингот со новинарите одржан денеска со министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, на кој беа презентирани резултатите од 2023 година.

Царинската управа спроведува и неколку проекти за сузбивање на шверцот, нелегалната трговија и корупцијата. Со грант од Кореја во висина од 4,8 милиони долари се спроведува проект за имплементација на систем за анализа на ризик и податочен склад, а се очекува да започне имплементацијата на новиот систем за Секторот за контрола и истраги, кој вклучува хардвер и софтвер и дополнителна опрема за контроли во висина од 2 милиони евра обезбедени преку фондовите на ЕУ. Започнува поставувањето на системот на паметни камери за надзор и препознавање на регистарски таблички на граничните премини – проект вреден еден милион евра обезбедени од Светска банка, а царинските службеници на најфреквентните премини ќе бидат опремени со телесни камери, преку програми поддржани од амбасадата на САД. За сузбивање на шверцот, корупцијата и организираниот криминал значително ќе придонесе и новоформираниот Сектор за посебни истражни мерки во Царинската управа.