Пишува: Љубиша НИКОЛОВСКИ
Толку ли беше силата на Изет Меџити и неговиот Европски сојуз за промени, па мораше на помош да го повика косовскиот премиер Албин Курти и неговата партија „Самоопределување“ да му биде моторната сила на претстојните избори?
Со овој потег Меџити најотворено сака да и импутира страно тело на македонската политичка сцена и со тоа да создаде простор за пенетрација на косовска идеолошка матрица во дејствувањето на автохтоните партии на Албанците во Македонија.
Со овој потег, некои сили сакаат да ја вратат Македонија 30 години назад, на периодот на распаѓањето на поранешна Југославија и премрежијата низ кои мораше да помине земјата во создавањето на својата независност, градејќи се како суверена и самостојна држава во која мултиетничноста низ децениите стана препознатлив регионален бренд и во која сите партии, меѓу нив и оние со албански етнички предзнак, ќе креираат своја автентична политика, соодветна на македонските прилики и потреби.
Зачудува фактот што најавите за настапот на косовската владеачка партија „Самоопределување“ на изборите во Македонијиа и за таа цел формирањето заедничка политичка платформа и програма како и отворање заедничка канцеларија со Сојузот на Изет Меџити (Алтернатива и Беса), помина „мазно“ во политичката јавност. Имено, по бомбастичната најава за „Самоопределување“ како четврта партија во Сојузот и заедничкиот настап на изборите, приказната се сведе само на правните можности за тоа дали советникот на Албин Курти, Беким Ќоку, имал право да се најде на избирачките листи затоа што бил од Струга и имал двојно државјанство или не.
Токму оваа „олеснителна околност“ за Беким Ќоку беше доволна за „најпатриотската“ македонска политичка партија ВМРО-ДПМНЕ да не ја види големата слика што стои зад оваа идеја, зад која латентно стои обидот за косовизација на македонската политичка сцена. Ако за ВМРО-ДПМНЕ сега е проблематична оваа Влада во која, како што велат, имало премногу Албанци, како ли ќе изгледа евентуалната Влада на ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со „Самоопределување“ и со Сојузот на Меџити, за која Мицкоски покажува нескриени амбиции?
Од оние кои не гледаат ништо спорно во целава приказна, е тоа што Албин Курти и неговиот кабинет намаат јавно реагирано. Имено, да, тоа и загрижува. Доколку нема деманти, тоа значи одобрување.
Со тоа Албин Курти по втор пат, по посетата на Македонија како „гостин-ослободител“ во Чаир и Тетово со иконографија на Голема Албанија, директно се меша во внатрешните работи на друга земја. Косовскиот премиер Курти наместо да си ги решава домашните проблеми со кои од Косово ќе направи меѓународно признаена земја на мултилатерален план и ќе го стабилизира Западен Балкан, тој со мешањето во политичките прилики и во Албанија и сега во Македонија го косовизира Балканот.
Потврда за ова доаѓа и од изјавите на поранешниот специјален пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел. Тој изјави дека косовскиот премиер Албин Курти создава проблем на Балканот и дека отсекогаш бил антиамерикански настроен. Вели дека лидерот на Самоопределување во конкретни случаи бил против четворица поранешни американски претседатели – Бил Клинтон, Џорџ В. Буш, Барак Обама и Доналд Трамп – додавајќи дека ќе му се спротивстави и на сегашниот лидер на САД, Џо Бајден.
извор Рацин.мк