Вчера (20.12.2023) на подрачјето на Секторите за внатрешни работи Тетово, Штип, Скопје и Битола беа реализирани низа превентивни активности првенствено фокусирани на учениците, со цел да се спречи употребата на пиротехнички средства во пресрет и за време на претстојните празници. Во рамки на заедничките активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје „Петарди НЕ, безбедност пред се“, беа посетени две тетовски општински средни училишта, „Никола Штејн“ и „Осми Септември“. Лекари од оваа клиника во содејство и координација со полициски службеници од Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово одржаа стручни предавања на кои присуствуваа ученици од вкупно 18 паралелки. На предавањата посебно беше нагласен ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на луѓето, пред се од повреди на рацете, очите и другите делови на телото. Покрај ова, учениците поблиску беа запознати и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства. Тие беа информирани и дека продажбата и активирањето на вакви пиротехнички средства, покрај прекршочно може да се санкционира и со кривични пријави, зависно од околностите и крајните последици. Вакви предавања за денеска се закажани во уште две тетовски општински средни училишта „Кирил Пејчиновиќ“ и „Моша Пијаде“.
Превентивна активност во рамки на кампањата „Петарди НЕ, безбедност пред се“ беше спроведена и од страна на СВР Штип-ОВР Берово со учениците од средното општинско училиште „Ацо Русковски” во Берово, како и од СВР Битола- ОВР Македонски Брод во ООУ ,,Мустафа Кемал Ататурк” во с.Пласница.
Исто така, активност во рамки на кампањата „Петарди НЕ, безбедност пред се“ беше спроведена и од страна на СВР Скопје во ОУ „Васил Главинов”, ОУ „Исмаил Ќемали”, ОУ „7-ми Март” и СУГС „Цветан Димов”. Покрај тоа, Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата спроведе сообраќајна едукативна активност на подрачје на Бит Пазар, во склоп на кампањата „Биди подготвен – користи зимска опрема“. Притоа, на возачите им беше поделен едукативен материјал и им беше укажано за потребата од почитување на законската регулатива за задолжително користење на зимска опрема во периодот од 15 ноември до 15 март.
Полициски службеници од ОВР Ресен реализираа превентивна активност со граѓаните во насока на заштита од измами и кражби, а ОВР Крушево на тема „користи зимска опрема”, каде на возачите им се укажуваше за потребата и законската обврска за задолжителното поседување на зимска опрема во возилата.