24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Новиот пакет мерки голема поддршка за бизнисот – 492 милиони евра ќе се слеат во компаниите

Со новиот пакет антикризни мерки вреден 662 милиони евра, кој Владата го усвои минатата недела, се обезбедува финансиска поддршка за ранливите категории на граѓани и компании за полесно да ги надминат потешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот, но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза.

Со новиот 9-ти пакет на антикризни мерки, бизнисот ќе биде поддржан со над 492 милиони евра

Една од мерките е издавањето на зелена обврзница во износ од 10 милиони евра, односно зајакнување на кредитната линија за поддршка на малите и средни претпријатија во делот на енергетската ефикасност и зелената транзиција.

Новиот пакет на мерки овозможува и проширување на опсегот на компании кои се корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање. Оваа мерка нема фискални импликации. Се проширува опсегот на компании корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање, за што ќе бидат наменети 40 милиони евра.

Преку Европската инвестициска банка (ЕИБ) се воведува седма кредитна линија за зелена транзиција, односно за развој на зелена економија преку инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Од нив, 30% се наменети за инвестиции во проекти со енергетска ефикасност и обновливи извори и 70% други намени, а поврзани со зелената транзиција на нашата економија. Целта на оваа мерка е долгорочна заштеда на средства преку намалена потрошувачка на електрична енергија, истата има проценето влијание од 200 милиони евра.

Со поволна кредитна линија од 100 милиони евра од Француската агенција за развој за поддршка на инвестиции во проекти со позитивен придонес врз животната средина и во проекти што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и адаптација, поддршка на женското претпримеништво и финансирање на процеси на дигитализација.

Исто така, ќе се обезбеди поволна кредитна линија од 100 милиони евра од Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ) за финансирање на микро, мали и средни претпријатија (ММСП) за создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претпримеништво и/или зелени инвестиции.

Се воведува и инструмент за зелено финансирање, во соработка со Европската банка за обнова и развој, Програмата за развој на Обединетите нации и комерцијалните банки „Green finance“, со проценето влијание од околу 42 милиони евра кои ќе им бидат ставени на располагање на крајните корисници преку домашните комерцијални банки.

Поддршката за зголемување на платите

Една од целите на новиот пакет пакет антикризни мерки е поддршката за зголемување на платите во приватниот сектор на достојно ниво, за што една од мерките е и ослободување од плаќање на придонеси за постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 денари до 9.000 денари.

За споредба ќе се зема последно исплатена плата на вработени, со исплатена плата до ниво на просечна месечна плата на национално ниво. Основот за споредба се зема од просекот на исплатените плати во последните три месеци за вработениот за кој се однесува мерката. Се ослободува делот од придонесот за разликата на покачениот износ на платата. Работодавачот плаќа данок на личен доход, а се ослободува од плаќање на здравствено и пензиско осигурување за делот за зголемувањето за период од 12 месеци. Мерката има цел намалување на даночната евазија и сивата економија, поддршка на приватниот сектор за исплата на повисоки плати.

Ваквата мерка која претходно беше еднаш воведена во 2019 година со можност за покачување на платите до износ од 6.000 денари и нејзината примена заврши во 2022 година беше искористена од преку 28.000 компании за околу 170.000 вработени кои добија покачување на платите.