23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Конзервативната десница е тука за да ги крши „индивидуалните коски“ на луѓето

Конзервативната десница е тука за да ги крши „индивидуалните коски“ на луѓето

Пишува: Ненад Јовановиќ

На мојот политички свет влијаеше најпрво стравот што го чувствував за време на моето растење и преживување во средини во кои се затекнував сам, без никој, со својот спортски „талент“. Потоа, дополнително, знаев дека во мојата земја има сиромаштија, беспарица и многу национализам. Следствено на тоа и недостаток на слобода во секоја смисла. Последново е мотивот зошто влегов во политика: стеснетоста ми сметаше, просторите на слобода ми беа мали, клаустофобични, сакав уште повеќе слобода, екстравагантност, индивидуалност од секаква (не)возможна смисла…

Знаев дека има и такви кои се опљачкани, силувани и прогонети, сите оние луѓе кои заради националистичките војни животите им беа уништени, куќите разрушени, физички раселени, понижени… Додека се занимавав во раните деведесетти професионално со спорт, тоа не го знаев, ама го научив во од.

Националистичкото пореметување ги кршеше коските на индивидуалните судбини на луѓето, а немаше никој и никаде да ги заштити. Кога некој кретенски режим, било локален или национален ќе ви се закани во вашето секојдневие, на било кој начин – со повик за војска, сиромаштија која ја растура економијата, „националната култура“ која не е ништо друго освен интелектуално и морално понижување, или кога го слушаш sвоното на врата, во прилика си да ја слушнеш сопствената егзистенција во нејзината фрагилна (кршлива!) појавност.

Тогаш не ви останува ништо друго освен во име на сопствените коски, сопственото месо, сопственото достоинство, опстанокот, инатот, да одлетате во бескомпромисен индивидуализам и презир према секоја националистичка сила (или свиња!) која претставува закана за истите тие коски и истото тоа месо. Поготово ако ви се заканува така бедна и малоумна општествена сила на истото тоа место: национализмот со своите глупави и „државотворни“ територијални „визии“.

Имено, ја следам два дена трагата на убиството на оние десничарски монструми. И не знам кого оплакувам, себе, младата девојка Вања или сите нас? Во тој океан од зомбифицирани говори, на Фејсбук, на портали и телевизии, тешко е да се слуша, затоа што имаш впечаток дека се работи за фразирање кое како да се заглавило некаде во 1933/34/35/36/37 година. Парадоксално – никој повеќе никого не слуша затоа што знае дека нема што да се слушне.

И потоа ни се појавува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за да ни каже страшни, ама сепак точни вести: „осмничени се пет лица, од кои за тројца е определена мерка притвор, едниот е надвор од државата, а вториот, таткото на малолетната е приведен“.

Првоосомничениот е, пак, замислете, Љупчо Палевски – „палчо“, некаква десна и националистичка бабарога, таканаречена „јавна личност“, некаков „инфлуенсер“ кој бил час бизнисмен, час претприемач, час некаков безвезен лидер на некаква уште побезвезна политичка партија со име „Десна“. Тој, имено, „лидер“, замислете, се терети – заедно со своите партиски гуланфери (сите од ракав криминалци, битанги и социопати) – за убиство на малолетно девојче по име Вања. Да, добро прочитавте, убиство на малолетно девојче Вања. Зошто, некој ќе праша, иако сите знаат зошто – за пари, ете затоа! Прво се обиделе да изнудат, а кога сфатиле дека нема ништо од тоа, девојчето го егзекутирале. Притоа, егзекутирале и уште еден старец од седумдесет и четири години за долг од петстотини пишливи евра. Овие луѓе, братко мили, се криминалци, дејци од подземје, служби, некоја мината државна безбедност, јебем ли га! Не може „нормален“ и цивилен граѓанин да се занимава со убиства, разузнавања, „доверливи информации“ или „ексклузивни тајни“ за важни типови во државата. Едноставно овие луѓе, како тој фамозен „Палчо“, едноставно се луѓе на служби. Тајни, јавни, полујавни, кој знае што сè има во тој мрачен и опскурен свет, во основа криминален и рекетарски.

Местото на дејствието, пак, се случува во строгиот центар на град Скопје. Сите знаеме каде се наоѓа Универзална сала, сите знаеме каде е „Броз кафе“. Девојчето Вања е убиено на сред бел ден, во 10 часот наутро, откако претходно е киднапирано, ставено во вреќа за спиење и фрлено во багажник од автомобил. Додека ги типкам овие зборови, со неверување гледам што, по ѓаволите со мене, пишувам. Се прашувам дали ова е филм, фикција, нонфикција или реалност?

Дали малолетната Вања ги видела нивните лица, што чувствувало кутрото девојче додека ја возеле во багажникот од автомобилот, колку била преплашена, што во тој момент си замислувала… Тоа се прашања на кои немам одговор, прашања од кои ме лазат морници по телото, прашања од кои во мене навира бес, а потоа и очај, бидејќи не можам ништо да направам само како би успеал во што, по ѓаволите? А што мислеле сторителите, се уплашиле затоа што младата Вања ги препознала, па затоа ја убиле, мене ми е совршено неважно. Важно е само едно: сторителот убил малолетно дете, помагачите негови исто така. Сите се виновни, и тие кои го помогнале убиството и тој што го извршил.

Ако знеме дека ова е „брахијална сила“, монструозна, брутална и во основа социопатска, тогаш ние овде имаме сериозен проблем, ние сите заедно. Што е она во кое овде живееме, тоа е прашањето. Дали во слобода и демократија се случуваат вакви работи? Зарем со овие теми не треба да се занимаваат нашите „големи“ социолози и политиколози, вклучително и колумнистите, или ќе продолжиме да се исцрпуваме сите заедно во оговаранции, шпекулации и теории на заговори.

Јас мислам дека Љупчо Палевски – „палчо“ не смее повеќе да постои во медиумите, ниту како вест, ниту како трагедија, ниту како убиец. Како што повеќе не смеат да постојат и бидат третирани во медиумите соучесниците на овој грозоморен пекол.

Не смее да им се дозволи простор во медиумите, прво, затоа што така ќе покажеме емпатија и сочувство кон семејството на малолетната Вања, и второ, апелирам да се престане со бесчувствителното „известување“ на порталите и телевизиите кои се обидуваат на трагедијата да собираат лајкови и кликови. (Усерем ви се на такви лајкови!)

Се знае кој излегува официјално и со проверени информации, а тоа е МВР и Обвинителството, поточно тоа се институциите. Секоe натамошно конфабулирање нè води на теренот на гласини, озборувања, мрачни фантазирања.

Да резимираме: сторителите се најдени, по првоосомничениот егзекутор/убиец се трага. Верувам дека ќе биде најден и ставен во затвор, на долго време. Верувам дека ќе има можност, во својата затворска осама, да освести што направил. А потоа или ќе се покае или ќе се самоубие. За нас, пак, живите, нема утеха. Малечката Вања ја нема, и уште за долго ќе ја нема. Барем додека не има нас.

Текстот е личен став на Авторот.

Извор: Frontline.mk