22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ИНТЕРВЈУ

Влатко ПАЛЧЕВСКИ: Пантелеон ГС носи силен економски бенефит за македонската економија

Основана во 2020 година, оваа брзо растечка аутсорсинг компанија во моментов вработува над 110 амбициозни млади луѓе од различни профили, кои во моментов успешно работат за преку 12 големи компании на американскиот пазар. Во нивното портфолио на клиенти доминираат претежно финансиски компании за факторинг, лизинг, осигурување и финансирање, брокерска компанија, мрежа за продажба на возила, компанија за регрутација, маркетинг и многу други. Компанијата има огромен потенцијал за развој, за дополнителни вработувања и несомнено силно се наметнува како деловен систем кој значајно ќе придонесува кон развој на домашната економија, и уште поважно кон задржување на квалитетните кадри дома, во нашата татковина.  На оваа тема разговараме со Влатко Палчевски,  Административен Директор на компанијата, кој го прифати предизвикот наречен Пантелеон ГС и можноста да менаџира еден ваков уникатен и комплексен систем.

Работите за американскиот пазар од земјава, со што директно придонесувате кон прилив на девизни средства во буџетот.  Инвестирате во нови вработувања во подобрување на знаењата на младите. Колку тоа се препознава?

Како релативно млада компанија која постои од 2020 година, постигнавме значаен успех. Во нашето портфолио имаме респектабилни амерички компании и договори кои ни гарантираат долгогодишна соработка. Стануваме сериозен деловен субјект со комплексни планови за ширење во Македонија. Со оглед на тоа дека покриваме специфична индустрија, аутсорсинг услуги, каде се користат само умствените капацитети на вработените и компаниските пракси, навистина значајно придонесуваме кон домашната економија. А притоа не ја загадуваме животната средина, напротив применуваме позитивни пракси за општествена одговорност, и вработуваме млади талентирани луѓе кои поинаку би размислувале за напуштање на земјава. Дефинитивно инвестираме во економската независност на нашата земја, поттикнуваме критичко размислување, оспособуваме врвни професионалци кои имаат можност да работат на светски проекти.

Од дома да се работи за американскиот пазар навистина звучи примамливо, посебно за млади луѓе. Кои се можностите?

Можностите се неограничени! Се добива прилика за работа за компании кои се светски лидери во своите области, и каде од комуникацијата и работењето со нив може многу да се научи. Се добива пристап до уникатни работни пракси и можност да се стекне искуство како ретко каде.

Стратешка определба на компанијата е привлекување на талентирани и амбициозни луѓе. Што е специфично за работењето во Пантелеон ГС?

Работа дома, но под амерички услови и стандарди. Работa ексклузивно за клиенти на американскиот пазар, каде сите оперативни активности се целосно прилагодени на клиентите, што подразбира и попладневно работно време, односно од 15 часот до 23 часот. Ова може да делува невообичаено на прв поглед, но сите наши вработени, без исклучок, извонредно успешно се адаптираа на специфичното работно време. И затоа ние како компанија непрекинато се трудиме да им обезбедиме што е можно подобри услови за работа, конкурентни компензациски пакети и разни други придобивки.

 

Вработените се богатството за една компанија. Не само теоретски, тоа е нешто што го спроведувате и вреднувате и во пракса?

Апсолутно! Тоа е нешто што нѐ разликува од останатите. Кај нас вработените максимално се почитуваат. Со секој од нив имаме отворена комуникација. Имплементиравме политика на отворени врати, која на секој вработен му овозможува директен и непречен пристап до членовите на врвниот менаџмент на дневно ниво – што е особено важно за градење на квалитетна комуникација внатре во компанијата и одржување на долготрајни релации. Одличните работни услови, можноста за стекнување врвни знаења, бројните лични бенефити како на пример приватно здравствено осигурување, месечни претплати на спортски активности по избор, редовна достава на здрава храна и секако натпросечните финансиски пакети на ниво на целата компанија не прави одлична и пожелна средина за младите.

Пантелеон ГС е посебна компанија од многу аспекти! И особено активна во локалната заедница. Кажете ни нешто повеќе.

Суштината на делување на секој деловен субјект е да креира приходи, да биде посакувано место за вработување, да обезбедува натпросечни плати за вработените, редовно да плаќа даноци, но истовремено како што расте и се развива успехот да го потврди со поддршка на локалната заедница.

Како домашна компанија, Пантелеон ГС е постојано активна во локалната заедницата преку поддршка на различни општествено важни проекти. Компанијата е поддржувач на ракометниот и фудбалскиот клуб Вардар најтрофејниот и најпрепознатлив македонски спортски бренд, во минатото поддржувач на „Проект Среќа“ преку бројни донации како и донатор на храна преку системот на AmCham во Македонија. Пантелеон ГС го поддржа и концертот на нашиот маестро на пијано, Симон Трпчески, како и бројни други проекти.

 

Кои се плановите за во блиска иднина?

Дефинитивно да растеме и да се шириме. Договорите со компаниите за аутсорсинг услуги и перспективата која ја имаме на американскиот пазар веќе нѐ приморуваат за дуплирање на бројот на вработени, и ни наметнуваат нова перспектива која ќе ја интегрираме во нашите идни планови за развој.