25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Извештајот на ЕК потврди: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кочничари на напредокот на државата на патот кон ЕУ

Последниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Северна Македонија ја извади на површина вистинската пречка за европското патување на државата. Политичката поларизација и блокирањето на работата на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се слабостите кои се истакнати во Извештајот.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи вели дека слабостите кои ги констатира Извештајот – се политичката поларизација и блокадата на Собранието.

– Според мое читање, во суштина на слабостите кои ги констатира Извештајот – е политичката поларизација и блокадата на Собранието како место каде што се носат законски и реформски одлуки. Значи, битна е причината! Во една каузална терапија го лекувате проблемот, а не симптомот. Ова што го гледаме како детектирани слабости се симптоми на една причина, а причината е политичката поларизација, односно обидот да се стават партиските интереси над државните. Иронија е да се повикувате на борба против корупцијата, а да го блокирате поглавјето 23 и 24 – што во суштина е борба против корупцијата. Едноставно отварање на сите рефлектори, инструменти на Европската унија за борба против корупцијата. Политичари кои велат дека сакаме да се бориме против корупцијата, но не сакаме да се отвори поглавјето 23 и 24 – тоа апсолутно е контрадикторно едно со друго. Е иронија и смеa, потенцира шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Според владеачката СДСМ – Извештајот на ЕК потврди дека опозициската ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски се кочничари на напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ.

– Извештајот на Европската комисија ги потврди фактите, ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски и Левица се кочничари на напредокот кон ЕУ. Клучниот проблем за извештајот на Европската комисија и забелешките во него е тоа што Собранието е блокирано од страна на опозицијата. Се укажува на потребата да се донесат уставните измени и реформите за ЕУ кои ги блокираат токму Мицкоски ДПМНЕ. Блокадата на ДПМНЕ и Левица е и за поглавјата кои се однесувата на борбата против корупцијата, што значи ВМРО ДПМНЕ беше и останува против правдата. Комисијата јасно посочува дека Македонија има прогрес во 81 отсто од поглавјата а нема назадување во ниту едно поглавје. Дополнително, 90 отсто од поглавјата се соодветно ниво на подготвеност. ВМРО ДПМНЕ заедно со Левица се единствените антиевропски партии кои се најголемите кочничари на европскиот пат на земјата, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Поглавјето 23 е едно од најобемните и сложени поглавја, а брзината и времетраењето на преговорите во оваа област директно влијаат врз напредокот во другите аспекти на преговорите со Европската унија. Политиките на ЕУ во оваа област имаат за цел да ја одржат и понатаму да ја развиваат Унијата како област на слобода, безбедност и правда. Политиките во поглавјето 23 поделени се на четири главни и меѓусебно поврзани области: правда, борба против корупција, основни права и права на граѓаните на ЕУ.

Додека, политиките на ЕУ во поглавјето 24 имаат за цел да ја одржат и дополнително да ја развиваат Унијата како област на слобода, безбедност и правда. Од државите-членки се очекува да бидат соодветно подготвени за правилно спроведување на рамка на заеднички правила која е во постојан раст. И тоа за прашања како што се: гранична контрола, визи, надворешна миграција, азил, полициска соработка, борба против организираниот криминал, борба против тероризам, соработка во областа на дрогата, царинска соработка, и судска соработка во кривичното и граѓанското право,
Пред сè, ова подразбира силен и добро интегриран административен капацитет во агенциите за спроведување на законот и останатите релевантни тела, од кои се очекува да ги постигнат потребните стандарди. Стручната, професионално неприкосновената и ефикасна полициска организација е од огромно значење.

Нај деталниот дел од политиките на ЕУ за правда, слобода и безбедност е законското право на Шенген, што подразбира укинување на внатрешните гранични контроли во ЕУ. Сепак, за новите држави-членки значителни делови од Шенген-правото се спроведуваат според посебна одлука на Советот која се донесува по пристапувањето.

Извор: Frontline.mk