Планот за раст на економиите на Западниот Балкан кој денес го презентираше Европската комисија за прв пат алоцира пари за реформите со цел забрзување на социо-економскиот напредок.
Планот предвидува 6 милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1 милијарда евра може да ги искористи Северна Македонија. Планот за раст исто така предвидува и можност за пристап до заедничкиот пазар на ЕУ пред полноправното членство, што значи дека нашите производи и услуги може да се пласираат на Единствениот Европски Пазар.
Ваквиот план на Европската комисија е скроен по барање на земјите од Западниот Блкан, со цел да се искористат привилегии и можности од зачленувањето во ЕУ пред време, односно додека траат преговорите.
Целта на ЕУ е до март 2024 година да направи прв трансфер на пари кон Северна Македонија и другите земји во регионот на Западен Балкан со цел да се забрза процесот на реформи.