24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Коциќ: ДПМНЕ пласира невистини во јавноста за Онкологија и на анкетната комисија

Пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ, во рамките на анкетната комисија за случувањата на Клиниката за онкологија истакна дека во текот на вчерашниот ден Мицкоски презентира извештаи што го опфаќаат периодот до август 2023, наводно добиени од свиркачи.

„Она што сакам да го констатирам и да прашам и да ја информирам јавноста дека овој документ што е презентиран во јавноста најверојатно е доставен од страна на анкетната комисија затоа што таков документ имаме добиено во рамките на нашата работа и е доставен до Министерството за здравство, Државниот завод за ревизија и ОЈО“, рече Коциќ.

Тој додаде дека добивањето од страна на свиркачи е под прашалник, бидејќи најверојатно го добил од некој од членовите од опозицијата од анкетната комисија и дека не е точно дека го опфаќа периодот до август 2023 година, бидејќи не постои извештај кој го опфаќа периодот до август 2023.

„Очигледно Мицкоски свесно ја загрозува истрагата на онкологија и прашање е која е е неговата цел. Дали дополнително сака да ја вознемирува јавноста, пред се пациентите, кои се многу вулнерабилни во однос на ова прашање или сака да ја заботира истрагата почната првпат по 20 години со откривањето на овие проблеми од МВР и секако, вклучување на ОЈО“, нагласи Коциќ.

Дали лидерот на опозицијата може да влијае на истрагата или да ја загрози истрагата и дали има одговорност за презентација на документи доставени до анкетната комисија, го запраша пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во својство на сведок.