23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

ЈОВАНОВИЌ: Брак од „национален интерес“

Брак од „национален интерес“

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Вчера, ценети читатели, напишавме текст за литература, а денес ќе се обидеме да расчлениме што е тоа „брак од национален интерес“. Верувам дека откако ќе ја прочитате оваа метафора ќе речете дека се работи за тешка будалштина. И ќе бидете во право.

Зарем малку пати на ова место сме расправале дека „национален интерес“ е ништо друго освен идеална маска за најличните интереси и најличните страсти. Исто така, на ова место безброј пати сме расправале дека околу „големите идеи“ и „тешките зборови“ се екипирале најсомнителни типови со малечка памет, ама со големи и аздисани задници. Сè ова, имено, одамна се знае. Ама, за жал, беспрекорно функционира.

Значи одиме директно! Бранителите на „националниот интерес“, екипирани околу никој и ништо, денес плукаат против нашата гостинка, претседателката на ЕK, Фон дер Лајен. Госпоѓата ни вели дека изборот е наш, а ние и велиме со погрдни зборови да се врати таму од каде што дошла, дека е „фашистка“, дека е „проамериканка“, дека ако сакале, до сега ќе нè примеле и така натаму и така наваму. Што од националистичко-имбецилна точка на гледање e јасно како бел ден.

Госпоѓата претседателка исто така ни вели дека изборот е наш! А кој е нашиот избор, односно што треба да направиме? Ништо посебно, само треба да ги ставиме Бугарите во Уставот. И тоа во Собранието да го изгласаат повеќе од 80/81 пратеник. Ако тоа го направиме, за нас ќе има шанса. Се плашам дека ние секогаш, барем историски гледано, сме ја искористиле шансата за да ја пропуштиме шансата. Зошто? Затоа што во јавноста преовладува мислењето дека „бракот од национален интерес“ е поголем од бракот за прогрес и уредување на една релативно пристојна земја на Балканот каква што е нашата.

Причините за делувањето на „брак од национален интерес“ оваа земја комплетно ќе ја упропасти. Мачни се изјавите (а сите добронамерни изјави се мачни) на Фон дер Лајен, кога ни вели: „Се работи за вашата иднина. Ние сакаме да бидете земја членка на ЕУ, ама, имате некои обврски кои треба да ги исполните“. Експлицитно се мисли на сите малцински народи, а не мнозински, во земјата. Тоа, дополнително во превод значи дека се инсистира на владеење на правото кое претставува Европска норма без која не може да се членува во така голем и богат клуб.

Од друга страна, ако ние сакаме да бидеме Република во права смисла на зборот, тогаш ќе мора да ги прифатиме сите малцински народи. Така се изјаснија и Македонците на референдумот од деведесеттите години – сакавме да живееме во Република која е суверена и самостојна. Е, ако навистина сме сакале, тогаш Македонија не може да биде монархија која е склона на авторитарност и парламентарна монархија. Не е Македонија кралство во кое Мицкоски ќе се седи на престолот, а на тој престол ќе го наследуваат принцови и принцези – за малку не реков нивните деца и членови на нивните приватни фамилии – и ќе бевме, дополнио излудени од фарсичните претседателски избори (на владата и државата) во кои однапред се знае кој е победник.

А таквиот монархиски победник, еден сончев ден – ако не се случи чудо од библиски размери – лесно може да не доведе до нова граѓанска војна. После која – а сега ја тријам кристалната топка – Христијан Мицкоски и неговите епигони, со молскавична брзина ќе се преселат од поразениот во победничкиот задник – без разлика кој денес му го штити грбот и го лаже дека на следните избори ќе победи – и ќе продолжи да примиерува, министерува во недоглед, или што би рекол една мој пријател и политички сатиричар – до победа.

Не може во ЕУ со духот на „традиционална биртија“, ако ме разбирате што сакам да ви кажам. Прво луѓето треба да се згрижат, потоа треба да се докаже дека ние не сме задрогази расисти кои не признаваат никого и ништо освен „чистите Македонци“, а дури потоа – во дворот или во паркот, како за разонода, може да се урла и навива со будалаштини од типот „ние сме за брак од национален интерес“.

Извор: Frontline.mk