4.8 C
Скопје
10. декември 2023
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Извештај на УНЕСКО: Значително е подобрен пристапот до образование во Македонија

Значително е подобрен пристапот до образование во државата. Има поголема синхронизација помеѓу образовниот систем и пазарот на трудот за разлика од изминатите години. Значително се подигнати квалитетот и атрактивноста на стручното образование. Се преземаат мерки за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард. Постигнат е значителен напредок во развојот на одредени компоненти на националниот образовен систем, но постои простор и потребно е заложбата за подигнување на квалитетот на продолжи и да се интензивира.

Ова е наведено во извештајот од анализата на квалитетот на националниот образовен систем во Северна Македонија, што ја спроведе Институтот за образовни политики на УНЕСКО на иницијатива на Европската комисија, кој денеска беше презентиран заедно со препораките што државата треба да ги спроведе за развојот на овој општествен сегмент да продолжи и да се интензивира.

На презентацијата присуствуваше и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кој рече дека Владата и другите надлежни институции во ресорот образование се заложуваат за креирање образовни политики ќе се базираат на кредибилни анализи и на факти, во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни и ќе се интегрираат сите конструктивни идеи и изводливи сугестии. Затоа овој извештај е од голема важност за дефинирање на правецот на дејствување во иднина.

„Извештајот дава јасна слика за целиот образовен систем во земјата почнувајќи од предучилишното, па сè до високото образование. Тој ги идентификува силните страни, а ќе ни помогне и да ги ублажиме или елиминираме послабите. Повеќе од јасно е дека навремената дијагноза на недостатоците ќе ни биде од корист во времето што ни претстои бидејќи Република Северна Македонија како аспирант за рамноправна членка на европското семејство не смее да си дозволи да има слаб образовен систем, кој нема да биде компатибилен со европските стандарди“, рече Шаќири.

Тој се заблагодари на ЕУ и на УНЕСКО за континуираната поддршка во напорите за поквалитетен образовен систем и рече дека очекува соработката уште повеќе да се продлабочи во иднина.

Изрази очекувања дека по презентацијата на извештајот, ќе се развие поширока дискусија и потоа, како што нагласи, сите заедно уште повеќе ќе се заложиме за подигнување на стандардите во образованието како еден од основните столбови на севкупниот просперитет.

Извештајот за квалитетот на националниот образовен систем беше подготвуван една година, а со учество на многубројни државни институции – Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат, Државниот завод за статистика, Агенцијата за вработување, Агенцијата за квалитет на високото образование и други. Свој придонес дадоа и повеќе образовни установи, училишта и факултети, како и граѓански организации.