24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

ДЕТАЛИ ЗА АКЦИЈАТА: Со „Синџир“ опфатени 26 физички и 28 правни лица

Врз основа на досегашните предистражни дејствија и доставената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од чл.394, Даночно затајување од чл.279 и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик. При извршените претреси обезбедена е дополнителна документација која ќе биде предмет на обработка, а воедно досега се приведени и 20 осомничени лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, додека 6 лица се недостапни на органите на прогонот.

Од прибраниот доказен материјал постои основано сомневање дека три лица како организатори заедно со уште други три лица, во текот на 2019 година, во Неготино, создале група што имала за цел вршење на кривични дела Даночно затајување и Перење пари и други приноси од казниво дело. На групата, истата 2019 година, припадници станале уште седуммина од осомничените. Во текот на 2020 година на оваа група се приклучиле 11 нови припадници, а во 2021 година припадници станале уште тројца сопственици и управители на правни лица. Организаторите на злосторничкото здружение со намера да ја одбегнат законската обврска за целосно или делумно плаќање данок, организирале основање на правни субјекти во нивна сопственост и преземале сопственост и управување на претходно основани правни субјекти. Тие заедно со припадниците на злосторничкото здружение, во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со вкалкулиран ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги или изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со примена на механизмот за пренесен ДДВ, по член 32-а од Законот за ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги за кои знаеле дека не се извршени. Организаторите на злосторничкото здружение фактурите ги користеле за меѓусебно сметководствено затворање на дел или на вкупните обврски на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување и на кривично одговорните правни лица во сопственост и управување на припадниците на злосторничкото здружение кон нив. Врз основа на овие фактури за наводно извршени набавки на стоки и услуги, на банкарските сметки на правните субјекти во сопственост или управувани од организаторите и припадниците на злосторничкото здружение по испоставените фактури најчесто не биле вршени плаќања, а дел од меѓусебните побарувања и обврски сметководствено биле затворани со меѓусебни компензации и компензации со повеќе учесници.

Осомничените организатори и припадници на злосторничкото здружение во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување сметководствено искажале повисок износ на влезен промет и поголемо даночно побарување преку кое ја намалиле вредноста на излезниот промет и ја намалиле својата даночна обврска или го зголемиле своето даночно побарување. Потоа организаторите на злосторничкото здружение со сметководственото евидентирање на фактурите за наводна продажба на стоки и услуги и со нивното искажување во задолжителните Даночни пријави за ДДВ на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, преку институтот даночен гарант, сметководственото евидентирање го искористиле за противправно преземање на даночниот долг на дел од правните субјекти сопственост или управувани од страна на осомничените припадници на злосторничкото здружение. На тој начин правните субјекти во сопственост или управувани од осомничените организатори на злосторничкото здружение противправно станале даночни гаранти на правните субјекти сопственост или управувани од припадниците на злосторничкото здружение кои како даночни обврзници имале даночен долг кон Управата за јавни приходи. Со вака преземените дејствија организаторите на злосторничкото здружение им овозможиле на дел од правните субјекти, сопственост или управувани од осомничените припадници на злосторничкото здружение, пред даночниот орган да не го платат нивниот даночен долг и неосновано да го затворат со лажно даночно побарување на даночните гаранти.

Осомничените со сите противправно преземени дејствија, во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот на Р.С. Македонија во вкупен износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра.

Воедно, во временскиот период од 22.10.2020 до 31.12.2021 година, во Неготино, Струмица, Скопје, Штип и во Велес тројцата организатори на злосторничкото здружение и четири осомничени припадници на злосторничкото здружение со цел да го прикријат потеклото на паричните средства и нивното движење, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства и подигале парични средства во готово во вкупен износ 40.046.815,00 денари или 651.168 евра за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Даночно затајување.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје предложи определување на мерката притвор за 14 осомничени лица од кои за едно лице е предложена мерка куќен притвор. За останатите 12 осомничени лица предложи други мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетите да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело. Воедно, јавниот обвинител до Судијата на претходна постапка достави Барањa за привремена мерка за забрана за отуѓување и оптоварување на недвижен и движен имот во сопственост на пет физички и седум правни лица.

За делата што им се ставаат на товар на осомничените согласно одредбите во Кривичниот законик се предвидени затворски казни и тоа: за кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 кога групата има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна е предвидена казна затвор до три години, за кривичното дело Даночно затајување од чл.279 доколу износот на обврската е значителен, сторителот ќе се казни со казна затвор од една до десет години и со парична казна и за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 согласно Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Воедно, согласно чл.28-а од Кривичниот законик во случаите определени со закон, правното лице е одговорно за кривичното дело сторено од одговорно лице во правното лице, во име, за сметка или во корист на правното лице, па така за сторените кривични дела Даночно затајување и Перење пари и други приноси од казниво дело за правните лица се предвидени парични казни.