25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ѓоргиевска на затворањето на 7. Меѓународен психијатриски конгрес

Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, вчеравечер имаше завршно обраќање на свеченото затворање на 7. Меѓународен психијатриски конгрес, којшто од 26 до 29 октомври 2023 година се одржуваше во Охрид.

На 7-миот Македонски психијатриски конгрес со меѓународно учество, во организација на Психијатриското здружение на Македонија и соработка со Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука од Скопје, кој се фокусира на темата „Предизвиците во психијатријата и менталното здравје во третата деценија на 21 век“, проф. д-р Ѓоргиевска им се заблагодари на реномираните експерти во областа за споделувањето на своето знаење.

Проф. Ѓоргиевска реафирмираше дека полето на психијатријата и менталното здравје се соочува со низа сложени предизвици и дека едно од најважните прашања е зголемената преваленца на нарушувања на менталното здравје. „Решавањето на овие предизвици бара сеопфатен пристап кој не само што се фокусира на третманот, туку и ја нагласува превенцијата и дестигматизацијата. Неопходно е да ја промовираме свеста за менталното здравје и да се погрижиме оние на кои им е потребно да имаат пристап до квалитетна нега, без оглед на нивните околности.“ – потенцираше сопругата на претседателот.

Во рамки на свеченото затворање на 7. Меѓународен психијатриски конгрес, проф. д-р Ѓоргиевска му ја врачи наградата „Alexander Kurz“ на проф. Звездан Пиртосек, признание коешто го доделуваат организаторите на конгресот.

Во продолжение интегралниот текст од обраќањето на сопругата на Претседателот.

Дами и господа, почитувани колеги, драги пријатели,

Како што се приближуваме до крајот на овој значаен собир, 7-миот Македонски психијатриски конгрес и Втората тематска конференција за деменција и невро-дегенерација, ви се обраќам со огромна благодарност за укажаната чест.

Оваа конференција претставува извонреден спој на умови, кои ќе доведат до сознанија кои ќе ја обликуваат иднината на здравствената заштита. Тоа е доказ за вашата амбиција бидејќи истиот резултираше со одлични истражувачки идеи, а реномирани експерти великодушно го споделуваа своето знаење.

Во третата деценија на 21 век, полето на психијатријата и менталното здравје се соочува со низа сложени предизвици. Едно од најважните прашања е зголемената преваленца на нарушувања на менталното здравје, кои влијаат на поединците од сите возрасти и потекла. Факторите како што се социјалната изолација, економската несигурност и брзата дигитална трансформација на нашите животи воведоа нова ера на фактори на стрес кои влијаат на нашата психолошка благосостојба. Решавањето на овие предизвици бара сеопфатен пристап кој не само што се фокусира на третманот, туку и ја нагласува превенцијата и дестигматизацијата. Неопходно е да ја промовираме свеста за менталното здравје и да се погрижиме оние на кои им е потребно да имаат пристап до квалитетна нега, без оглед на нивните околности.

Се надевам дека Охрид, град кој изобилува со историја, додава уникатна нишка на оваа Конференција. Убавината на ова место е доказ за чудата што нè опкружуваат и, како што хумористично сугерира вашата покана за овој настан, можеби дури и позитивно придонесува за нашата лична превенција од деменција.

Пред да се разделиме, посакувам секој од нас да го понесе со себе знаењето и инспирацијата што ги доби во текот на овие денови. Исто така, посакувам врските што ги создадовме да ни служат како потсетник дека соработката не познава граници, а знаењето ги надминува границите.

На крајот, би сакала да изразам најголема благодарност до сите оние кои го овозможија овој настан: организаторите, експертите, студентите и до секој од вас за вашата непоколеблива посветеност. Нека вашата потрага по знаење и напредок продолжи, водејќи кон иднината каде што здравјето и откритијата остануваат врвен приоритет.