23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Заврши владината седница, донесени серија важни одлуки

Од 195-та владина седница: Намалените цени на прехранбените производи означени со „гарантирана цена“, наместо до 30 ноември – ќе важат до 31 декември; Можност за акциски и промотивни цени за сите земјоделски и прехранбени производи; одлуки за урбанистички проекти за делниците Гостивар – Букојчани и Тетово – Гостивар, во рамки на изградбата на патниот Коридор 8

Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговија на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.

Според владината одлука, мерката за намалување на цените на дел на основните прехранбени производи, означени со „гарантирана цена“, наместо до 30 ноември, ќе се применува до крајот на годината, односно до 31 декември.
Одлуката е донесена на предлог на Министерството за економија, по консултации со бизнис секторот, а со цел заштита на потрошувачите од евентуално повторно зголемување на цените.

Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Владата донесе и Одлука за престанок на важењето на Одлуката за забрана на трговците да вршат трговија со одредена стока.

Со оваа владина одлука, производителите, дистрибутерите и трговците ќе имаат можност да ги стават сите земјоделски и прехранбени производи на акција и промоција.

И оваа одлука е донесена на предлог на Министерството за економија, по направени консултации со бизнис секторот, а во интерес на граѓаните да има акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) на производите.

Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Владата, на денешната седница, разгледа и усвоии информации за одобрување урбанистички проекти за градби од стратешки интерес, за изградба на патен Коридор 8, делница на автопат: Тетово – Гостивар, како и делница на автопат: Гостивар – Букојчани и донесе одлуки за двата урбанистички проекта.

Владата го одобри Урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес за изградба на патен Коридор 8, делница на автопат: Тетово – Гостивар. Во оваа фаза, предмет на овој Урбанистички проект се 15.4 км од вкупната должина. Останатиот дел од трасата ќе биде предмет на дополнителни урбанистички проекти. Вкупната должина на автопатската делница Тетово – Гостивар е околу 17.5 км.

Владата го одобри и Урбанистичкиот проект за делницата на автопат Гостивар – Букојчани, од патниот Коридор 8. Во оваа фаза предмет на Урбанистичкиот проект, како што е посочено, ќе бидат 8.43 км од вкупната должина. Останатиот дел од патната делница ќе биде разработен во следните фази на проектирање. Вкупната должина на автопатската делница Гостивар – Букојчани е околу 30.4 км.

Овие урбанистички проекти се изработени согласно Законот за урбанистичко планирање, Правилникот за урбанистичко планирање и останатата законска регулатива, којашто е релевантна за проектниот процес и реализација на проектот.

Со ова, Владата јасно покажува дека е силно фокусирана на доизградба на патниот Коридор 8, како стратешки проект од национален интерес.