15.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Излив на сексизам и мизогинија во Собрание, пратеникот Ковачки порача дека премиерот се сокрил зад женска сукња

Во реплика на одговор на пратеничко прашање, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки порача дека премиерот Димитар Ковачевски се сокрил зад женска сукња.

„Премиерот повторно избега и се сокри позади женската сукња на министерката за одбрана“ реплицираше Ковачки.

Ваквите тврдења на мизогинија и сексизам наидоа на остро негодување од мнозинството пратеници во салата, а извинување кон Петровска од Ковачки побара и премиерот Ковачевки.

„Навистина не личи на Собрание, кое што го гледаат сите генерации низ директен пренос, да се користат сексизми и да се користи омаловажување на жената. Јас лично сметам дека треба да и се извините на министерката за тоа што го кажавте, но сепак тоа е ваша лична одлука и работа на домашно воспитување и формално образование“ порача Ковачевски.

Нападот на Ковачки доаѓа откако тој своето пратеничко прашање поврзано со состојбите во одбраната го упати кон премиерот Ковачевски, но на прашањето одговори министерката Петровска како најнадлежна за прашањето.

Во одговорот, министерката Петровска му порача на Ковачки дека тој побегнал од денешното рочиште за спор што таа го има покренато против него.

Извор: 24info.mk