23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Преговорите со ЕУ го прават поквалитетно и побезбедно македонското рибарство, по европски стандарди

Денеска во Брисел продолжува билатералната скрининг агенда со состаноците за Поглавје 13, „Рибарство“, од Кластерот 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“.

Билатералниот состанок со кратко обраќање го отвори вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, потенцирајќи дека за Северна Македонија е важно да ги усвоиме стандардите поврзани со оваа област и на тој начин да ја отвориме можноста за граѓаните кои се занимаваат со риболов, на вистински начин да станат поконкурентни за извоз на европскиот, но и на регионалниот пазар.
– Капацитетите се поставени, а остануваат предизвиците во однос на натамошното зајакнување на административните капацитети за управување со ресурси, инспекции и контрола на политиката за рибарство. Ќе се зајакне и капацитетот за контрола на нелегалниот, непријавен и нерегулиран риболов, во согласност со барањата на ЕУ, рече Маричиќ пред претставниците на Европската комисија.

Република Северна Македонија е земја без излез на море и има само внатрешен, езерски риболов и аквакултура, затоа голем дел од правото на ЕУ за рибарство не е применливо и во тој контекст, главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ нагласи дека немаме намера да бараме никакви отстапувања или преодни периоди во ова Поглавје, односно дека целосно го прифаќаме соодветното ЕУ законодавство.
– Во однос на правната рамка, нивото на усогласеност дополнително ќе се подобри со усвојувањето на новиот Закон за финансиска поддршка во рибарството и новиот Закон за рибарство и аквакултура. Овие два закони, кои се во владина процедура, ќе обезбедат рамка за мерки на структурна политика и државна помош во рибарството и аквакултурата, како и организација на пазарот за риба и рибни производи, посочи Маричиќ.

Заедничката политика за рибарство на Европската унија вклучува прашања за експлоатација и управување со рибните ресурси, прашања за регулирање на пазарот на рибни производи, прашања за структурна политика, надзор и контрола, како и меѓународна соработка во рибарството.
Со достигнување на стандардите во ова поглавје ќе бидеме подготвени да повлекуваме пари од структурните фондови на ЕУ наменети за рибарство. Иако риболовот не е значајна стопанска гранка кај нас, треба да ја искористиме можноста што ја нуди членството во ЕУ и системски да ја регулираме оваа област, за да обезбедиме економско, еколошко и социјално одржливо рибарство, по европски стандарди и прописи.

Дел од македонската делегација беа и заменик преговарачката со ЕУ и државна секретарка во СЕП, Дрита Абдиу-Халили и шефот на Мисијата на Северна Македонија при ЕУ во Брисел, Зулфи Исмаили. Презентери се претставниците од работната група за Поглавје 13, „Рибарство“, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот земјоделски инспекторат, Државниот завод за статистика, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и Секретаријатот за европски прашања.

Билатералниот скрининг е за завршна фаза. Од Кластерот 5, „Ресурси, земјоделие и кохезија“, останува уште Поглавјето 13, „Безбедност на храна, ветерина и фитосанитарна политика“, кое ќе се одржи од 27-ми ноември до 1-ви декември. За целосно комплетирање на скрининг процесот ни останува уште Кластерот 6, „Надворешни односи“, со двете поглавја 30 и 31 „Надворешни односи“ и „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“, кои се предвидени за првата недела од месец декември.