25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

ЦИВИЛ отвори дигитална библиотека, достапна за секого, на секое место

Стартува Дигиталната библиотека на ЦИВИЛ на ЦИВИЛМЕДИА.МК, во пресрет на 24-годишнината од постоењето на организацијата, која е формирана на 25 ноември 1999 година.

Од богатата издавачка активност на организацијата, за почеток се избрани само неколку најнови наслови, но таа ќе се збогатува во текот на наредните денови и со бројните изданија од претходните години.

За почеток, Дигиталната библиотека на ЦИВИЛ на своите електронски полици ќе ги објави „Украина – година на хероизмот“ од Џабир Дерала, „Визии за зелената иднина“ (една публикација четири јазици и тоа: македонски, албански, англиски и српски) и „Зелена читанка“ / „Fjalori i Gjelbër“ (посебни публикации на македонски и албански) од група авторки и автори, „Белешки за македонскиот конституционализам“ од проф. д-р Љубомир Фрчкоски, „Reslient Journalism: Countering Disinformation and Propaganda“ (Отпорно новинарство: Борба против дезинформациите и пропаганда“, на англиски) од група авторки и автори.

И претходно, изданијата на ЦИВИЛ можеа да се најдат онлајн, но беа расфрлени како линкови низ текстовите на медиумската платформа. Затоа, редакцијата донесе одлука да отвори дигитална библиотека каде што, на едно место, ќе се претстават сите изданија.

Во Дигиталната библиотека на ЦИВИЛ наскоро ќе најдете низа изданија кои се дел од работата на организацијата, вклучувајќи ги и исцрпните извештаи од изборниот мониторинг, публикации со колумни и анализи на различни теми, почнувајќи од демократијата и човековите права, завршувајќи со борбата против корупцијата. Читателките и читателите се поканети да коментираат или да поставуваат прашања поврзани со изданијата во оваа дигитална библиотека, по мејл или во порака на социјалните профили на ЦИВИЛ.