25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Сметам дека пензионерите ќе бидат задоволни со финалните решенија кои ќе ги донесеме

Сакаме стабилноста на пензискиот фонд да продолжи, затоа внимателно се работи на тоа да се подобри квалитетот на живот на пензионерите, а воедно да продолжи редовната исплата на пензиите. Сметам дека со финалните решенија кои ќе ги донесеме ќе бидат задоволни и двете страни, вели во интервју за Локално.мк министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Околу најниската пензија во земјава, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите, министерката истакнува дека по доставување на извештајот, Работната група продолжува со работа кон изнаоѓање на ново законско решение за минимална пензија со измени на постоечкиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување или нов посебен закон за минималната пензија.

Во однос на прашањето за зголемување на возраста како услов за стекнување на право на пензија, Тренчевска порачува дека во МТСП засега нема никакви конкретни дискусии и активности, но можеби би поддржала продолжување на работен однос само по желба на работникот.

Ако го наметнуваме како Влада почитувањето на основните човекови права како тема на јавноста, тогаш сум горда што сум дел од оваа прогресивна Влада. „Едно општество за сите“ е заложба на која посветено и гордо работиме, вели министерката за коментарите во јавноста за „западни наметнувања“ на вредности, во однос на ЛГБТИ заедницата.

Оценува дека Коалицијата за заштита на децата го искористија моментот и на „грбот“ на децата се промовираа во јавноста користејќи анти-родов и извртен наратив кој што нема допирна точка со вистината.

Штета што во 21 век сеуште разговараме за тоа дали жените треба или нетреба да уживаат одредени права и штета што поставуваме имиња на организации кои мислиме дека ќе инспирираат кон подобро детство, но единствена цел и работа им е ширење на дезинформации и страв, укажува Тренчевска за негодувањата кон предлог-законот за родова еднаквост.

Дел од пензионерите и понатаму не се откажуваат од протестите. Иако најавивте мерки, тие очигледно не ги задоволуваат желбите на поединци. Постои ли можност за остварување на нивните барања?

Ова е транспарентна Влада која ги сослушува граѓаните, и затоа ги земаме во предвид мислењата на пензионерите кои се вклучени во протестите. Исто така ние сме и одговорна Влада, затоа ги известуваме граѓаните за тоа што влегува во рамките на возможното, а што не. Сакаме стабилноста на пензискиот фонд да продолжи, затоа внимателно се работи на тоа да се подобри квалитетот на живот на пензионерите, а воедно да продолжи редовната исплата на пензиите. Сметам дека со финалните решенија кои ќе ги донесеме ќе бидат задоволни и двете страни.