Клучните предизвици во обезбедувањето конкурентност, одржливост и плурализам, унапредување на социјалниот и економскиот статус на новинарите, како и реформа на медиумската политика и законите, се меѓу темите за кои што се дискутира на работилницата за медиумски реформи: ,,Кон одржлив, разновиден и безбеден медиумски сектор: поддршка на демократијата и плурализмот и во служба на граѓаните“.
Организатори на дводневната работилница се Министерството за информатичко општество и администрација, Делегацијата на Европската унија, и членовите на конзорциумот што го имплементира проектот “ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди”.
„Слободата на изразување е основна вредност на демократијата и човековите права. Европската Унија има важна улога во промоцијата и заштитата на слободата на изразување во земјите кандидати и во регионот на Западен Балкан, вклучително и во Северна Македонија“, рече министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во своето воведно обраќање.
Тој нагласи дека МИОА со поддршка на ЕУ, работи напорно во подобрувањето и зајакнувањето на слободата и транспарентноста на медиумите.
„Во нашата земја, ЕУ помогна во дизајнирањето и спроведувањето на реформите насочени кон подобрување на слободата на изразување и условите за новинарите, медиумите и граѓанското општество. За нас како МИОА приоритет е независноста на медиумите, транспарентноста во сопственоста на медиумите, како и борбата против злоупотребата на моќните позиции во јавните и приватните медиуми. ЕУ ни помогна во оваа насока преку промовирање на законодавството и безбедносната клима која ја гарантира слободата и безбедноста на новинарите и активистите. Слободата на изразување е еден од важните критериуми за процесот на членство во ЕУ. За остварување на европската перспектива, ние како Влада работиме напорно за зајакнување на слободата на изразување и почитување на меѓународните и европските стандарди на ова област“, заклучи министерот Алиу.