14. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Оддаваме денеска почит на сите кои се вградија во темелите на македонската државност

„Денеска се поклонуваме пред храброста, пред пожртвуваноста на сите борци, мажи, жени, млади кои храбро се жртвувале за слободата и светла иднина. На оние коишто дадоа многу и оние кои што дадоа сè. Оддаваме денеска почит на сите кои се вградија во темелите на македонската државност. Со поглед кон иднината, со верба и решителност за уште еден државнички успех, за уште една победа“, истакна претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски по повод 11-октомври.

Тој додаде дека народното востание и епилогот потоа се нашиот симбол за победа, за успех, со сплотеност и единство.

„11 Октомври, пред 82 години не беше само почеток на борбата за слобода, туку остана траен симбол дека заедништвото и сплотеноста се единствениот начин да се избориме за просперитетна иднина. Слободарскиот бајрак на борците од НОБ, на партизаните, ги сплоти сите кои сакаа слобода, правда и социјална еднаквост. Без разлика на вера, нација или друга припадност. И успеаја“, потенцираше Ковачевски.

Тој додаде дека тоа е примерот кој треба да се следи, тоа е аманетот којшто ни е оставен.

Исполнувањето на тој аманет, на нашите државотворци од Илинден, АСНОМ, од НОБ, е нашата денешна борба. Борба за подобра, европска иднина на нашата убава татковина, на нашите вредни луѓе. СДСМ го носи тој бајрак и повикува на заедништво, на сплотеност, заклучи Ковачевски.