Сега е време, тоа е нашата борба на оваа генерација, да се обединиме под бајракот на европска Македонија, да делуваме демократски и европски, во градењето на иднината на нашите граѓани и на нашата татковина Северна Македонија, повика денеска претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во обраќањето на традиционалниот пикник во Куманово по повод 11 Октовмри, Денот на народното востание.
-Сега е време, тоа е нашата борба на оваа генерација. Имаме историска шанса којашто не смееме да ја пропуштиме. Вратите на Европската унија се отворени, се чека одлука на нас. Затоа, да се обединиме под бајракот на европска Македонија, во европскиот фронт. Да делуваме демократски и да функционираме европски. За европски плати, за европски работни места кои на младите ќе им нудат просперитет во сопствената земја, кои за младите ќе значат основање на дом во сопствената држава. Да се избориме за еднакви можности за сите наши граѓани, за праведно и одговорно општество, рече Ковачевски.
Здружувањето во европскиот Фронт, не е за партиски пребројувања или групирања, не е за поделба на фотелји, директори или лични амбиции, рече Ковачевски.
-Европскиот фронт е за да го заштитиме интересите на нашите граѓани, државните интереси и да ја обезбедиме европската иднина на земјата. Затоа што без европска интеграција ќе следува долгогодишна изолација, стагнација и неизвесност. Од овде, од слободарско Куманово ве повикувам да се придружите во оваа заедничка битка за европска иднина. Да успееме како што успеале нашите предци, заедно, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во Куманово.