24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски го отвори 22. Традиционален меморијален турнир во мал фудбал “Херои на Македонија“: Никогаш не смее да заборавиме кому и што им должиме

Денеска, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го отвори 22. Традиционален меморијален турнир во мал фудбал, во чест и сеќавање на загинатите припадници на македонската полицијата во 2001 година и настаните во Куманово во 2015 година и загинатите припадници на Армијата на Република Северна Македонија во 2001 година, а во коорганизација на Министерството за одбрана и здружението „Херои на Македонија 2001-2015“. Покрај министерот Спасовски, свое обраќање имаше и државниот секретар при Министерството за одбрана, Владимир Анчев, а во присуство на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили.

„Традицијата e вредност, длабоко вткаена во човековото постоење. Вредност што не` зближува едни со други, што ја дава онаа важна нитка на благородна почит што им помага на спомените да останат – бесмртни. Овој меморијален турнир “Херои на Македонија“ што денес се одржува 22 година по ред, ја има токму таа возвишена цел: повторно да не’ собере и сите заедно да се присетиме на ликот и делото на луѓето што некогаш беа со нас, се радуваa и тагуваа заедно со нас, кои храбро и достоинствено ги положија своите животи за нас, за татковината -нашите другари, соборци и колеги од македонските безбедносни сили”, истакна министерот Спасовски во своето обраќање.

Оддавајќи им должна почит на сите загинати припадници на безбедносните институции на Република Северна Македонија, но и на нивните најблиски, чијашто загуба останува вонвременски ненадоместлива, министерот Спасовски порача:

„Никогаш не смее да заборавиме кому и што им должиме. Тој долг не обврзува постојано да тежнееме и да бидеме подобри, почовечни, достојни и непокорни, искористувајќи ја најдобро што се може шансата што ни е дадена и која почива на највредното нешто – човечките животи!”, рече министерот Спасовски. Притоа, тој во свое лично име и во име на припадниците на Министерството за внатрешни работи оддаде почит на загинатите припадници од редовите на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана на нивните семејства, при што го изрази своето лично, длабоко, уверување дека спортскиот и меморијален дух на оваа наша традиционална манифестација, се најдобриот влог што ќе овозможи нејзина долговечност – негувајќи го името “Херои на Македонија“.

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Владимир Анчев во своето обраќање изрази почит кон споменот на загинатите припадници на Армијата и Полицијата и сочувство до нивните семејства.

„Спортот нè зближува, го поттикнува нашиот натпреварувачки дух и е достоен начин за да го одржиме сеќавањето за нивниот влог. Нашите херои секогаш ќе останат запаметени по своите дела и вечно ќе живеат во колективната меморија на сите наши граѓани, а нивните дела се инспирација која што нè води напред“, рече Анчев, додавајќи дека наша должност е да направиме се за да го зачуваме мирот и да продолжиме да целиме кон подобра иднина, иднина која ќе биде просперитетна за сите.