10. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Одолговлекувањето и не-застанувањето рамо до рамо во европскиот блок е ризикот кој не смееме да го дозволиме

„Одолговлекувањето и не-застанувањето рамо до рамо во европскиот блок е ризикот кој не смееме да го дозволиме. Тој ризик најавува изолација и голема неизвесност во нова фаза на чекање. Блокадите можат само да го зајакнат евроскептицизмот и му даваат сила на други антиевропски блокови и патишта“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „Ние сме Европа“ во Тетово.

Тој додаде дека ако некој заради сопствена политичка незрелост е подготвен да ја стави во заложништво иднината на младите, тоа нема да го направи и Владата бидејќи тоа не е нивниот пат и тоа не е патот на младите.

„Денес преговараме со ЕУ. Тимови на Владата, претставници на агенциите и претпријатијата се секојдневно на релација Скопје – Брисел, се отвораат дискусии и за поглавја, се усогласуваат политики. Отвораме дополнителни европски фондови и создаваме подобри услови за квалитетен живот на младите, го правиме тоа што сме го пропуштиле со децении наназад“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека инвестициите кои со членството во ЕУ ќе растат ќе значат нови работни места за младите, поддршката на нови старт-ап бизниси и стратешки партнерства кои ќе се отворат како можности.

„Патот на интеграцијата во ЕУ со себе носи низа придобивки за младите како што се дополнителни мерки за мобилност. За размена на контакти, знаења и идеи на младите со нивните врсници од регионот и од ЕУ. Тоа го обезбедува програмата Еразмус за која младинските организации велат дека прави чуда од животите на младите – токму така, Еразмус е програма која ги менува животите на нашите млади на подобро“ рече Маричиќ.