15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Банкарскиот систем и натаму е здрав и стабилен – донесени се одлуки за понатамошно јакнење на неговата отпорност

Советот на Народната банка ја одржа својата редовна седница на која, меѓу другото, го усвои Извештајот за финансиската стабилност за 2022 година. Во Извештајот се оценува дека домашниот финансиски сектор добро се справи со предизвиците и уште еднаш покажа дека е отпорен на шокови и има капацитет за справување со кризи. Банкарскиот сектор ја задржа стабилноста на своите биланси. Остварувањата на пензиските фондови беа под влијание на сложеното макроекономско окружување, што како и во повеќето други земји придонесе за намалување на стапките на принос мерени за повеќегодишни периоди. Сепак, станува збор за краткорочни пазарни шокови, што отвора простор да се надоместат загубите во следниот период. Ризиците од окружувањето немаа позначително влијание врз осигурителниот сектор, чиишто резултати од работењето се подобрија, а солвентноста се задржа на соодветно ниво. Останатите финансиски институции (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва) и натаму се со мал обем на активности и засега имаат многу ограничено значење како извор на системски ризик за финансиската стабилност. Неповолното окружување позначително се одрази врз работењето на инвестициските фондови преку изразен надолен тренд на стапките на принос, со исклучок на паричните фондови. Во Извештајот се наведува дека ризиците поврзани со секторот „домаќинства“ и натаму се ограничени. Показателите за солвентноста и ликвидноста забележаа минимално подобрување, а задолженоста на домаќинствата се задржа на умерено и релативно стабилно ниво. Во однос на остварувањата на корпоративниот сектор, се заклучи дека, и покрај новите предизвици од окружувањето, во 2022 година речиси во сите дејности од корпоративниот сектор се зголемија приходите од работењето и се подобри профитабилноста. Задолженоста на корпоративниот сектор и натаму се зголемува, но сè уште е во умерени рамки и засега не упатува на ризици за одржливоста на долгот. Сепак, има разлики во профилот на ризичност на корпоративниот сектор во зависност од дејноста и големината на субјектите, при што микросубјектите и натаму се најранливата група субјекти од корпоративниот сектор.

Поновите податоци за банкарскиот систем, во согласност со усвоениот Извештај за ризиците во банкарскиот систем во вториот квартал од 2023 година, покажуваат солиден раст на билансот на состојба на банкарскиот систем во второто тримесечје, што најмногу е резултат на растот на депозитите од претпријатијата и домаќинствата, со позначителен придонес на депозитите од претпријатија. По падот во првиот квартал, во второто тримесечје, вкупните кредитите се зголемија, за што поголем придонес имаа кредитите на претпријатијата. Сепак, во услови на заострување на кредитните услови и намалување на побарувачката на кредити од населението, годишниот кредитен раст е помал во споредба со двоцифрените остварувања од минатата година. Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување, стапката на адекватност на капиталот забележа квартално зголемување до највисокото ниво за последните шеснаесет години, од 18,2%. Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа со учество на нефункционалните во вкупните кредити од 2,9%.

Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, Советот на Народната банка на одржаната седница донесе одлука за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во земјава за 0,25 процентни поени, од претходно утврдените 1% на 1,25%, со почеток на примена од 1 ноември 2024 година. Во услови на здрав и стабилен банкарски систем со зголемена профитабилност и соодветно ниво на ликвидност, кога ризиците сè уште немаат одраз врз билансите на домашните банки, зголемената стапка на противцикличен заштитен слој на капиталот има за цел да делува превентивно кон дополнително јакнење на отпорноста на банките и со тоа да обезбеди повисока финансиска стабилност, што е во согласност и со мерките што се преземаат во поголем број земји во Европската Унија.

На редовната седница на Советот беше донесена и Одлуката за начинот на спроведување на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам. Позначајни измени се воведувањето посебен дел за ризикот од финансирање тероризам и финансирање на ширењето оружје за масовно уништување (пролиферација) и подетална разработка на мерките и дејствијата за спречување перење пари и финансирање тероризам коишто треба да ги преземаат менувачниците и платежните институции. Во Одлуката се внесени и препораките на Комитетот на експерти на Советот на Европа (Moneyval), како и регулативата на ЕУ за интерните контроли кај филијалите или подружниците на субјектите основани во трета земја.

Советот ја усвои и Одлуката за менувачките работи, чиишто измени во однос на постојната Одлука за менувачките работи првенствено се однесуваат на зајакнување на критериумите за вршење менувачки работи и усогласување со Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам. Со Одлуката се врши промена во дел од критериумите коишто треба да ги исполни одговорното лице за вршење менувачки работи и се воведува концептот на соработник кој треба да ги исполни истите критериуми, со што се зајакнуваат критериумите за одговорното лице. Се воведува и обврска за известување на Народната банка, пред овластениот менувач да направи промена на податокот за одговорното лице, со што се засилува контролната улога на Народната банка преку претходна проверка на исполнувањето на критериумите.

На седницата беа разгледани и други тековни материјали поврзани со работата и надлежностите на Народната банка.