„Во ниту еден разговор со пратениците сега не се зборувале за судски предмети. Наспроти тоа, кога сме разговарале со ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јавното обвинителство и за низа други процеси, секогаш тие барале да се отвораат судски случаи кои сакале да се дискутираат. Затоа и не се договоривме во 2020 година со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи доаѓаа на преговорите со судски предмети кои треба да ги отвориме“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „24 анализа“ на ТВ24.
Тој додаде дека измените на Кривичниот законик не се донесени со цел да се убеди ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени, туку единствена цел на измените е да се зголеми ефикасноста на судскиот систем и да се зголемат можностите за конфискација.
„Од 2015-16 година наваму се помалку граѓани се плашат од репресијата и заканите на ВМРО-ДПМНЕ и не верувам дека тоа ќе им биде инструмент. Тие треба да се грижат како да ја вратиме довербата во системот, бидејќи ќе продолжат да бидат опозиција и по следните избори. Како да ја вратиме довербата во системот и како да се вклучат во преговарачкиот процес“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се фокусира на тоа, за државата да функционира подобро, а не да бара условување со отворање на судски случаи при сите разговори за важни закони.