27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Националната ген банка на Земјоделскиот институт доби нова софистицирана опрема, донација од ЕУ

На Земјоделскиот Институт во Скопје денеска беше промовирана новата софистицирана опрема за ген банката сместена во просториите на институтот донација од Европската Унија.

Како што соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, сите овие години, токму со финансиската поддршка од ЕУ фондовите, во агросекторот беа реализирани многу проекти за модернизација на земјоделскиот сектор. Еден од нив е ИПА проектот за модернизација на националната ген банка, со вкупна вредност од 210.000 евра, наменети за набавка на нова софистицирана опрема.

„Со новата опрема, за прв пат се воведуваат серолошки и молекуларни анализи по стандардни европски процедури кои се користат во светските ген банки. Стандардизираните процедури за серолошки и молекуларни анализи, овозможуваат контрола на здравствената состојба на семенскиот материјал и утврдување на генетскиот идентитет на молекуларно ниво, со што се отстранува секаква субјективност од страна на лицето што го врши визуелниот преглед и најточно може да се утврди здравствената состојба и сортната чистота“, изјави на промоцијата министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и додаде дека дополнителна придобивка за државата е и тоа што со оваа нова опрема се овозможува испитувањата кои порано биле вршени во други земји (молекуларно испитување на автохтони популации грав во Словенија, на популации пиперка во Словачка, испитување на сорти и клонови на автохтоната винска сорта Станушина во Словенија), сега да бидат изведени во матичната институција, каде и се чува семето, со што ќе се зголеми ефикасноста и намалување на трошоците за овие анализи.

Со новата опрема се зголемува постоечкиот капацитет на чување на семенскиот материјал од автохтоните македонски сорти и популации од голем број на растителни видови, како на активната колекција, така и на колекцијата наменета за подолготрајна конзервација, во строго контролирани услови кои одговараат на европските стандарди. Исто така, со новата опрема за манипулација на семето, се овозможува побрза и подобра проверка на квалитетот на добиеното семе што се подготвува за конзервација, како негово чистење од надворешни примеси, проверка на ‘ртливоста и влагата.

„Зачувувањето на сортите во ген банките е од големо значење за зачувување на растителниот агробиодиверзитет на нашата земја. Сортите на земјоделски растенија често имаат длабоки историски и културни врски со одредени рурални средини. Затоа зачувувањето на тие сорти претставува и одржување на културата, традициите и идентитетот на тие селски заедници. Дополнително, автохтоните сорти или стари одомаќинети сорти, во текот на годините се прилагодиле на различни болести и климатски услови. Овие сорти во науката претставуваат сериозен извор на генетски материјал за селекција на нови сорти, отпорни на болести и штетници и адаптабилни на климатските промени. На овој начин се овозможува обезбедување на производство на храна на разни климатски и теренски услови“, потенцираше Николовски.

Автохтоните сорти имаат големо значење и за руралната економија, преку генерирање на приходи на земјоделските производители кои ги промовираат и произведуваат овие сорти.

На промоцијата присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој пред присутните го потенцираше значењето на новата опрема со која се подига нивото на научно истражувачката дејност во сите четири институции каде се чуваат рефрентни примероци од растителен генетски материјал. Исто така тој посочи дека ова е многу значајно и за одржливо земјоделско производство и за обезбедување на квалитетно и стабилно производство на храна.

Во ген банката на Институтот, се чуваат референтни примероци, регистрирани на националната сортна листа, меѓу кои има и автохтони сорти и популации, како што се семе од доматите „скопски јабучар“ и „воловско срце“, пиперката „куртовска капија“, популации од везен пипер, популации од „тетовскиот грав“, „дебарската луцерка“ и голем број сорти пченица.

Во моментов, во ген банката на Земјоделскиот институт се чуваат 721 примерок од 43 ботанички вида од кои 417 житни, 202 градинарски, 77 фуражни и 25 индустриски примероци. Нивните пасошки податоци се дел од Европската Датабаза EURISCO.

Министерот Николовски, ректорот Јанкуловски, директорот Ѓамовски и сите вработени во Земјоделскиот институт упатија, голема благодарност до евроамбасадорот Гир и Делегацијата на Европската Унија за набавката на нова современа опрема, со која помогнаа да ги постигнеме европските стандарди во нашите национални ген банки.

Растителниот генетскиот материјал на националната ген банка во Република Северна Македонија, се чува во четири научно-истражувачки институции, овластени од страна на МЗШВ- Управа за семе и саден материјал, а Земјоделскиот Институт е една од нив со најголема колекција на генетски ресурси.