25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Македонската култура нема да исчезне, ЕУ ги чува и ги штити културите на земјите членки

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска учествуваше на јавната трибина „ЕУ за македонското културно богатство“, на која рече дека културата е таа што ги поврзува 27-те држави членки на ЕУ, кои сите меѓу себе се различни, и дека ниедна држава не го загубила идентитетот со тоа што станала членка на ЕУ.

– Ниедна држава не го загубила идентитетот со тоа што станала членка на ЕУ. Нема ни ние. Нема ништо да загубиме, остануваме Македонци, кои говорат македонски јазик, кои имаат свои културни обележја, бидејќи за културата не се преговара во пристапните преговори. Европската култура се дефинира како збир на национални култури и таа не се усогласува со законодавство на ЕУ – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека сите дезинформации што се пласираат од почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, дека ќе ги загубиме идентитетот, македонскиот јазик, нашите културни обележја, доаѓаат од структури на кои не им е до реформи и не сакаат позитивна трансформација на македонското општество.

– ЕУ го негува мотото „Обединети во различностите“, и тоа не е случајно. Тоа значи дека ЕУ ги чува и ги негува културите на народите на своите држави членки, јазикот и културното наследство, и затоа граѓаните треба да знаат дека нема опасност од губење на македонскиот идентитет или да се намали важноста на македонскиот јазик, идентитет, култура кога ќе станеме членка на ЕУ – укажа Костадиновска-Стојчевска.

Таа пред битолчани спомна и конкретни примери како Европската Унија го заштитува македонското културно богатство преку ИПА-програмата, потенцирајќи дека филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ е првиот македонски филмски фестивал кој бил поддржан од програмата на ЕУ за култура, „Креативна Европа“.

– Нашиот филмски фестивал „Браќа Манаки“ е првиот македонски филмски фестивал кој добил средства од програмата „МЕДИА“ на „Креативна Европа“, единствената програма на Унијата конкретно наменета за културните, креативните и аудиовизуелните сектори во Европа. Оваа програма за периодот од 2021 до 2027 година обезбеди 2,44 милијарди евра за поддршка на европската култура, достапни и за македонската. Министерството за култура е дел од различни европски проекти, а, конкретно, во програмата „Креативна Европа“ учествуваме со вкупен износ од 1,14 милиони евра – укажа министерката.

Министерката за култура во својот говор нагласи дека со ЕУ споделуваме исти вредности во однос на културата и уметноста и затоа работиме заедно во градењето инклузивно општество каде што сечие уникатно културно наследство се почитува и негува, а македонската култура, како што рече таа, е „европска и е додадена вредност на богатството и културната разновидност на заедничкото европско наследство“.

– Многу е важно сами да продолжиме да го негуваме и да се грижиме за нашиот културен идентитет, а ЕУ ќе го поддржи тоа. Сега стоиме одговорно исправени пред задачата која не се однесува само на нашата иднина туку и на заштитата на нашето културно наследство, нашиот идентитет и кои сме како нација. А најдобра заштита е културниот мозаик на ЕУ, каде што се слави различноста и се создава единство преку заедничките вредности – порача Костадиновска-Стојчевска.

Трибината „ЕУ за македонското културно наследство“ во Битола е во рамките на кампањата „Ние сме Европа“, во организација на Секретаријатот за европски прашања.