„ТАВ аеродроми“ го најавува влегувањето нова авиокомпанија на македонскиот авијациски пазар, водечката авиокомпанија на Балтикот, латвиската авиокомпанија „Ер Балтик“, и воведувањето нова авиолинија од Меѓународниот аеродром „Скопје“ на релација Скопје – Рига – Скопје откога авиокомпанијата го најави распоредот на летови со сите нови линии за следната летна сезона во 2024 година.
Македонскиот главен град Скопје ќе биде поврзан со Рига, главниот град на Латвија, двапати неделно, од 3 мај 2024 до 30 септември 2024.
Новата сезонска авиолинија на „Ер Балтик“ од скопскиот аеродром, ќе им овозможи на клиентите поврзување од витално значење со балтичките држави и светот и ќе им овозможи да ги истражуваат овие региони со огромна леснотија и удобност.
Претставниците на „ТАВ аеродроми“ се воодушевени за веста дека „Ер Балтик“ од следната летна сезона во 2024 година влегува на македонскиот авијациски пазар со воведување на новата авиолинија Скопје – Рига – Скопје бидејќи оваа новина ќе создаде зголемени можности за клиентите што патуваат преку Меѓународниот аеродром „Скопје“.
„Воведувањето нов лет до Рига од скопскиот аеродром и додавањето на ‘Ер Балтик’ како нова авиокомпанија во портфолиото на ТАВ, како и влегувањето на авиокомпанија на македонскиот авијациски пазар, е одлична вест. Ова дополнување ќе им овозможи на клиентите беспрекорен пристап до многу културни, историски и деловни дестинации. Оваа нова авиолинија не само што ќе ја подобри поврзаноста туку и ќе им овозможи на патниците да ги истражуваат овие региони со леснотија и удобност – Рига, со својот волшебен спој на историја, култура и современост, во исто време и бизнис-центар во балтичкиот регион, и Скопје и Балканскиот Регион, со своето историско значење, природни убавини, кујна и гостопримство. Ѝ честитаме на ‘Ер Балтик’ и ја цениме нивната одлука бидејќи оваа нова авиолинија ќе ги поврзе Балтичкиот и Балканскиот Регион,“ изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
„’Ер Балтик’ и натаму е водечка авиокомпанија во регионот, а со воведувањето 11 нови линии следното лето, ќе ги зајакнеме нашата позиција и нашата амбиција да растеме подобрувајќи ја поврзаноста од Балтикот. При подготовките за следната сезона секогаш внимателно ја проценуваме состојбата на пазарот и побарувачката. Овој пат идентификувавме можност да ја прошириме нашата мрежа во Централна и Југоисточна Европа со конекции со балтичките и нордиските земји. Затоа драго ни е да ја прошириме понудата на ‘Ер Балтик’ следното лето со практични и погодни директни летови до и од овој регион“, изјави Мартин Гаус, претседател и главен извршен директор на „Ер Балтик“.
Билетите за новата авиолинија се достапни за резервација преку веб-страницата на „Ер Балтик“: www.airbaltic.com, со цени почнувајќи од 89 евра за патување во еден правец.