Силна поддршка од САД за европерспективите на Република Северна Македонија е изразена на денешната заедничка прес конференција на претседателот на Владата на Репбулика Северна Македонија, Димитар Ковачевски и заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„Како резултат на видот на партнерство што го имаме во Европа, сакаме да ве видиме во ЕУ“ порача во обраќањето високиот американски дипломат.
„Северна Македонија е висински пријател и сојузник на САД. Во последниве неколку години, Северна Македонија, за Авганистан, Украина и како претседавач на ОБСЕ и најново – ни помогна да постигнеме историски договор меѓу Србија и Косово, што за нормализација ќе даде придонес за целиот регион. Но тоа не можевме да го сториме без вас и навистина го ценам тоа, меѓутоа сакам да споменам дека на секој чекор од нашите предизвици, ние сметавме на Северна Македонија и сакаме Северна Македонија да смета на нас при своите предизвици.
Европа и Америка имаат потреба од вас. Вие сте стратешки партнер, како и близок пријател, некој којшто имал директно корист од тоа партнерство и исто така сакам да имате корист од тоа партнерство во носењето на тешките одлуки кои ќе донесат посветла иднина“, рече на прес конференцијата, американскиот претставник, Ескобар.
Премиерот Ковачевски нагласи дека „Соединетите Американски Држави биле, се и ќе бидат во текот на сите клучни процеси за демократскиот напредок на земјата од независноста до денес и се најголем поддржувач во остварувањето на двете клучни стратешки цели – членството во НАТО, а сега и она што следи членството во Европската Унија“ и упати благодарност за придонесот на САД, како и за личните заложби на г-динот Ескобар во развојот на Северна Македонија и одржувањето и унапредување на регионалната стабилност на Западен Балкан.
„Разговаравме за успешниот тек на скринингот, а пред сѐ за отпочнувањето на процесот на уставни измени, кое покрај ЕУ – и САД го сметаат за навистина клучен и важен чекор во обезбедувањето на европска иднина и продолжувањето на европските интеграции на Северна Македонија. Ова е истиот став како и ставот на коалицијата којашто ја предводи оваа Влада и која што е мнозинство во Собранието и е ист со ставот на огромното мнозинство на македонските граѓани кои над 80% сакаат да бидат дел од ЕУ. И она што ние треба да го направиме како политички лидери е да обезбедиме непречен процес на зачленување на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.
Претсеадтелот на Владата, Ковачевски, посочи дека преговарачката рамка е документ одобрен од сите 27 земји членки на ЕУ и поддржан од стратешките партнери на државата, дека нов договор нема да има, ниту пак има можност за репреговарање на преговарачката рамка, дека во неа, како што е потврдено и со американскиот претставник Ескобар, имаме целосна заштита на македонскиот јазик и идентитет и имаме можност да се движиме напред кон градење на подобро и попросперитетно општество за граѓаните на државата, а билатералните односи нема да влијаат на процесот на евроинтеграции.
„Уште еднаш потврдивме дека нови барања согласно преговарачката рамка не може да има и секогаш ќе ја имаме поддршката на нашите искрени пријатели во делот на транспарентноста и во делот на објективноста на сите процеси кои се водат“, додаде премиерот Ковачевски.
Пораката на САД како и на меѓународните партнери, како што рече премиерот се дека Северна Македонија, по членството во НАТО треба да стане членка и на ЕУ.
„Граѓаните сакаат да живеат во ЕУ. Сакаат подобар животен стандард, подобра инфраструктура, економски напредок, социјална правда, врвна демократија, подобро владеење на правото. Сакаат подобар живот по европски стандарди. Сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината. Граѓаните сакаат интеграција, а не изолација. Верувам дека по успешно започнатиот процес на уставни измени во Собранието, пратениците, кои се пред сѐ претставници на граѓаните ќе се одважат и ќе ја донесат храбра одлука за продолжување на европските интеграции, кое ќе ни овозможи до 2030 година Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Секој друг исход, ќе значи неизвесна иднина за граѓаните на државата. Еднаш тоа се случи, кога се одвоивме од Хрватска и заостанавме и застанавме 17 години до денес. И денес, ако се одвоиме од Албанија, Црна Гора и Србија, никој не гарантира кога и на каков начин ќе станеме земја членка на ЕУ.
Тоа не смее да се случи, да се држи во залог иднината на државата за предизборни цели“, порача премиерот Ковачевски.
Во одговорите на новинарски прашања заменикот помошник државен секретар на САД оцени дека Западен Балкан е најнадежниот дел од Европа, со можност да даде придонес кон растот на ЕУ и проширувањето на трансатлантската заедница и дека САД сака да ја види нашата држава во ЕУ.
„Мило ми е што започна процесот на уставните измени и се надевам дека ќе продолжи“, рече американскиот дипломат.
САД, како што посочи американскиот претставник Ескобар, не избира влади за земјите на НАТО, меѓутоа поставува очекувања.
„САД ги гледа како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, НАТО и на борбата против корупцијата“, порача заменикот помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар.
Премиерот Ковачевски, во одговорите на новинарските прашања предочи дека секоја стратешка одлука е од значење за повеќе генерации, рече дека рече дека еввроатлантските интеграции се сврзно ткиво за сите граѓани во државата, дека граѓаните во земјава заслужуваат стандард како земјите членки на ЕУ и дека е потребно да се донесе правилна и вистинска одлука заради остварувањето на целите и визијата на граѓаните на државата.
„Заради тоа што граѓаните го заслужуваат токму ова, процесот ќе се води ќе се дебатира и ќе заврши успешно за граѓаните и за државата“, порача премиерот Димитар Ковачевски, на заедничката прес конференција со заменикот помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар, во Владата.