Во јавноста се уште на големо се зборува за посетата на косовскиот премиер Албин Курти, кој наместо со членови на државниот врв, се сретна со градоначалниците на Чаир и Тетово, како и со опозициските лидери на Беса, Алтернатива и новото Демократско движење. Преименувањето на улица во човек кој нема никаква врска со историјата не земјава, без официјални државни знамиња, како и истакнување на знаме на голема Албанија на собирот во Тетово, беше само дел од „фолкорот“ што ја пропрати оваа посета. Се поставува прашањето дали добрите односи што ги имаше Македонија со Косово се влошија и сега се сериозно нарушени?
Аналитичарите се согласи дека ова доаѓање на Курти во Тетово и Скопје е контроверзно. Според долгогодишниот новинар и аналитичар на состојбите, Љубиша Николовски станува јасно дека Албин Курти го троши времето што му е доверено од своите сограѓани, но и од меѓународната заедница за да ги реши круцијалните политички проблеми дома на Косово, не покажувајќи желба или капацитет за тоа. Николовски во разговор за „Локално“ вели дека наместо да се посвети на иднината на Косово, Курти се впушта во регионални дубиози што не ги познава.
На тој начин за жал тој свесно или несвесно, непотребно се инволвираше во „макендонските работи“ на еден старомоден, патерналистички начин од деведесеттите, несоодветен на новото време. Наместо да се сретне со претставници на владеачките партии на Албанците или уште повеќе со претставнци на Владата, тој дојде во Македонија како да е „село без кучиња“ и да присуствува на локални настани за кои знае дека се со сензитивен етно-политички набој, не водејќи сметка за иконографијата која го придружуваше, порачува Николовски.
Смета дека на „авторитетот“ на Курти „паднаа“ и македонските опозициски партии на Албанците кои, како што вели Николовски, на панаѓурски начин го шетаа низ македонските градови и општини каде се на власт, претворајќи ја целата слика на посетата на еден премиер на соседна држава во циркуска политичка атракција.
Николовски оценува дека нашите односи ги воспоставуваме ние и нашите политички субјекти и дека тие често пати минуваат низ турбуленции на националистички испади за што постои подготвеност и одговорност од двете страни и македонската и албанската.
Но засега главните текови на стратешките интереси на сите во земјава се тркалаат во позитивна насока. Што се однесува до состојбите на Косово тие се тензични и стојат со децении во една статус кво ситуација. Секако дека треба да се внимава што се случува во соседството, но засега мислам дека нема опасност од прелевање на тензиите од Косово на македонска почва. На крајот на краиштата не зависи се само од Албин Курти, тука се и САД и ЕУ кои будно внимаваат кој и како се однесува од геостратшки аспетк на безбедноста на регионот, вели новинарот.
Не мисли дека ќе ескалира ситуацијата повеќе од она што во јавниот дискурс се слуша. Николовски потенцира дека сите политички партии сега намерно ги креваат тензиите и фаќаат предизборни позиции и дека во таа политичка игра националистички профилирања ќе има и натаму и од некои македонски и од некои албанските политички партии.
Сепак соговорникот не верува дека Курти е толку моќен да ја урне македонската влада, иако претходно се обиде да го стори речиси истото и во Албанија.
Нашите мали опозициски партии му го креваат рејтингот, мислејќи дека така ќе го зголемат и својот. Сепак мислам дека станува збор за една дипломатски и политички необмислена посета на косовскиот премиер која очекувам дека во наредниот период ќе има обиди да се „испегла“, затоа што Македонија со Косово има добри политички односи, голем број наши сограѓани Албанци имаат и семејни врски во Косово и обратно, но и економски се покажа дека трговската размена се зголемува а одредени трговски бариери што се појавуаа од време на време се надминуваат, анализира Николовски.
Од друга страна, лидерот на Партијата на Македонците во Србија, Горан Илијевски е дециден дека со посетата на Курти почна да се реализира една нова програма. Во разговор за „Локално“ вели дека тоа што се случи во петокот е огромна провокација – да не посетуваш државни функционери, туку одиш во приватна посета со политички партии и градоначалници.
Не можеш да посетуваш дел од држава, а да не се јавиш кај државниот врв. Никој од нашите не може да оди кај градоначалник во Србија, во општина каде што има многу Македонци, а да не се јави кај претседателот на државата. Класична провокација. Уште поголема провокација е тоа што Алтернатива вика да не очекувате Албанец да пее државна химна. Ако не ја почитуваш државата, не можеш да бидеш државјанин на Македонија. Кога ќе почнат провокациите на дела, тоа ќе значи албанизација, истакнува Илијевски.
Според него, потребна е интервенција на надлежните и кривично да се одговара.
Ова е невидена работа. Не ми е јасно зошто не реагира државата. Немаше ниту едно државно македонско знаме, а се вееше знамето на „Голема Албанија“. Ова е навредување на Македонија. Македонските партии се борат за власт, а не реагираат. АНБ требаше да реагира претходно, а во моментот да се интервенираше на лице место, порачува претседателот на партијата на Македонците во Србија.
Додава дека очигледно дека некој стои позади ова.
Ова не е случајно и оди со опозиција. Зошто не се сретнаа со албански официјални функционери во власта, туку со опозициски политичари? Опозицијата е за да ја сруши власта. Во сите кризи во сите држави пред избори, добиваат на сила националистичките партии, заклучува Илијевски.
Н.П.
извор Локално.мк