Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска во гостувањето во утринската програма на МРТ рече дека денеска има состанок со Сојузот на пензионери што е легитимно тело и кое се грижи за сите 330.000 пензионери.
-Со Сојузот сите мерки досега ги договаравме низ еден дијалог каде што нормално со флексибилност од двете страни, дојдовме до одлични решенија. Така ќе продолжиме и понатаму. МТСП и сите останати државни институции се институции во кои секој еден граѓанин може да влезе, може да побара поддршка, помош или информација така вклучително и пензионерите. Јас и изминатиот период кога имавме штрајкови на работниците, на синдикатите седнавме и разговаравме, тоа е правилниот начин преку дијалог да дојдеме до одредено решение. Така и вчера, со иницијативниот одбор на пензионерите којшто протестираа се сретнав, разговаравме, ги доставија своите барања меѓу кои и двете клучни се линеарно зголемување од 3.500 денари којшто треба да влезат во основицата за сите 330.000 пензионери и минималната пензија да биде 18.000 денари. Легитимно е, секој да протестира, легитимно е да има барања и да се преговара, кажа Тренчевска.
Според неа, оттука се поставува прашањето дали линеарното зголемување е уставна категорија, дали 18.000 минимална пензија е праведно за сите пензионери?
-Ако имаме предвид дека најголем дел од пензионерите којшто во моментот имаат минимална пензија имаат 15, 16, 17 години стаж, а имаме и пензионери кои имаат 30, 40 години стаж кои можеби биле исто така на минимална плата и немаат висока пензија, некаде 20.000 денари, дали за нив е фер нивниот влог во пензискиот фонд од 40 години да го изедначиме со оној кој имаат 15 години контрибуција во пензискиот фонд?, праша министерката.